Поддршката што ја добиваме од граѓаните се убавата енергија и насмевки што ни ги испраќаат кога ќе ги видат „бубите“, кои пленат со својот изглед и безвремен шарм и потсетуваат на убави спомени од минатото, вели Тиберие Киријас, претседател на клубот

Тиберие Киријас, претседател на „Буба клуб Македонија“

Минатата сабота, на плоштадот „Делфина“ во Влае се одржа голем собир на „Буба клуб Македонија“ и на Клубот за историски возила, симпатизери, љубители и сопственици на популарната стара „фолксваген буба“. Клубот е формиран во 2010 година, со седиште во Скопје, а првиот собир е одржан на 17 април и оттогаш и официјално членовите на клубот ги започнаа активностите за промоција на овие возила во земјава. Претседателот на „Буба клуб Македонија“, Тиберие Киријас, зборува за идејата да се формира ваков клуб и неговото функционирање.

Зошто е формиран клубот, дали Вие сте тој што сака вакви возила, па го инициравте формирањето?
– „Буба клуб Македонија“ е здружение на граѓани – клуб за историски возила, симпатизери, љубители и сопственици на популарната стара „фолксваген буба“. Клубот е формиран во март во 2010 година, со седиште во Скопје. Клубот за првпат во историјата на Македонија е формиран по иницијатива на неколку члена, со цел да се обединат сите сопственици на „буба“ во Македонија, преку кој ќе можат да ги прикажат вистинските вредности на ова легендарно возило на сите времиња како синоним за квалитет, издржливост, симбол на мирот и генерациите.

Какви активности преземате во рамките на клубот?
– Клубот подготвува програма за одржување собири и манифестации на годишно ниво. За 2024 година од посебно значење ни е прославата на годишнината од првиот собир што го прославуваме секоја година во април. На собирот минатиот викенд на плоштадот „Делфина“ во Влае учествуваа колеги со олдтајмер-возила од државата и од регионот (Србија и Косово), како и преставници од „Ретро“ – државна институција за историски возила од Тирана, Албанија. Во текот на секоја календарска година организираме и Светски ден на „бубата“, на 22 јуни, пикник во септември и новогодишен собир кон крајот на декември.

Годинава ќе имате голем број активности, какви?
– Годинава ја отворивме со првиот и главен собир што го организиравме од 19 до 21 април. На овој собир имавме повеќе од 60 возила и стотина учесници од разни клубови што доаѓаат од Скопје и други градови на државата (ОТК „Пежо 404 клуб“, „Џентламенс кру Скопје“, „Кингс оф д стритс – Велес“, „Струмица ретро клуб“, „2CV спачек клуб Скопје“, „Олдтајмер витези – Куманово“ и „Љубители на класик мини“), како и неколку олдтајмер-клубови од регионот, како на пример: ОТК „Врање“, „Ниш“, „Врњачка бања“ од Србија, па ОТК „Призрен“ од Косово и „Ретро“ Албанија. Како изненадување за сите присутни, овој пат ја збогативме двочасовната програма со настап од ансамбл за народни танци. Покрај преостанатите три официјални собири што ние ги организираме, учествуваме и на собири во организација на олдтајмер-клубови во државата и во регионот, како на пример во Србија, Грција и во Албанија.

Имате ли поддршка од граѓаните и со какви ситуации најчесто се справувате со обожавателите на „буба“?
– Поддршката што ја добиваме од граѓаните се убавата енергија и насмевки што ни ги испраќаат кога ќе ги видат „бубите“, кои ги пленат со својот изглед и безвремен шарм и веруваме дека ги присетуваат на некој убав спомен од минатото што ги поврзува со ова возило. Најчесто обожавателите на „бубите“ имаат некоја интересна лична приказна што сакаат да ни ја прераскажат, желба повторно да набават или колку им недостига и им е криво што ја продале „бубата“.
Колкав е интересот кај граѓаните за Вашиот клуб и возилата „буба“?
– На социјалните мрежи нѐ следат граѓани преку нашите официјални групи на Инстаграм и Фејсбук, кои се зголемуваат со текот на времето. Моментално имаме над 1.800 следбеници што ги следат нашите објави за следниот собир во наша организација или најава на собир на кој ќе учествуваме.

Со оглед на тоа дека сте непрофитабилно здружение, каква порака би сакале да испратите?
– Ние сме непрофитабилно граѓанско здружение на историски возила и главно опстојуваме од членарина и од добрата волја на институциите што сакаат да ни помогнат. Испраќаме апел до сите општествено одговорни претпријатија и фирми да бидат отворени за соработка во заемен интерес. За нас и колегите од другите олдтајмер-клубови во државата ова е хоби и пасија кон возилата со историско значење, за кои се грижиме со голема љубов и посветеност, па преку клупското дејствување сакаме да ги направиме нашиот град и држава едно поубаво, пошарено и попријатно место.

Дали лесно ги сервисирате возилата?
-Возилата лесно се сервисираат, само треба малку ангажман за да се набават поспецифичните делови кои ги набавуваме од странство, додека на старо се наоѓаат делови и во државата.

Дали се наоѓаат лесно мајстори?
-Мајстори има на една шака да ги изброи човек што се вели. Но за среќа неколку од нив се млади луѓе па имаме верба дека ќе имаме каде да ги сервисираме Бубите и во годините што доаѓаат. Секако, постојат прирачници за поправка на колите, па сметам дека можеме сами да ги поправаме затоа што се технолошки едноставни автомобили без специјална електрика и комплицирана механика, само да се одвори време и желба за истото.

Како наоѓате делови?
-Делови наоѓаме преку Белград, Истанбул, а исто така преку пријатели и роднини кои ни ги носат од Европа или Америка.

Дали патувате со нив надвор од земјата или не смеат да се возат бидејќи се стари?
Да не би можел да патувам со Бубата надвор од земјата, не би ја возел можеби воопшто : Лично мене ми е тоа најголемата смисла да се вози и оддржува еден олдтајмер. Да се патува на нови места и запознаат прекрасни луѓе по пат, е најубавото искуство што ми го пружа Бубата. Со обично возило не би ми паднало на памет да појдам на некои дестинации каде Бубата ме има однесено. Минатата година извозев повеќе од 8000Км на собири во државата и регионот, а приватно бев на одмор до Атина и Кефалонија во Грција.