Мора ли Владата да купува нови лимузини, што не земат од електричните направени во Тетово?

Без што не може министер и останатите државни функционери во Македонија? Без голем кабинет и без голема лимузина.

Владата, која често повикува да се штеди, преку својата Служба за општи и заеднички работи, сега реши да троши државни пари токму за луксузни возила. Не и пречи што државата е сиромашна и што сега е предизборен период.

Се распиша оглас со кој државата под лизинг бара 45 возила од висока класа – луксузни, дизел, со црна или металик боја, со 2.000 сантиметри кубни моторна зафатнина, со минимум 7 брзини… за тригодишен период. Колку сето тоа ќе чини, ќе зависи од понудите што ќе се добијат, а владините служби ставија назнака дека „понудата нема да биде прифатена ако цената е невообичаено ниска“.

Инаку, со договорот од 2020 година, на пример, до сега потрошени се 1,75 милиони евра, за изнајмување на 45 „Шкоди суперб“. Праксата за изнајмување, инаку, почна во 2012-та година. Тогаш Владата набави 23 лимузини „Фолсфаген пасат“, за кои плати 860 илјади евра, а од 2013 до 2015 година за 42 „пасати“ плати 1,7 милиони евра. Од 2018 до 2020, сумата за возење на 46 министри, достигна 1,8 милиони евра…

Едноставно, многу пари се трошат. А сите се надевавме дека ќе штедат или дека барем ќе возат од новите електрични возила кои ќе се правеа во Тетово. Но…

Сега, ете, на само три месеци пред изборите било потребно на лизинг пак да се земат луксузни возила, кои по три години ќе му се вратат на операторот од кого се изнајмени. Објаснувањето коешто владините служби го дават сите овие години е исто: така им било поисплатливо, во тригодишниот период операторот е должен да обезбедува осигурување, сервис, регистрација, зелен картон, пренос на дефектното возило… Но, на јавноста никогаш не и стана јасно како тоа е посиплатливо да се земат возилата на лизинг, а не да се купат во трајна владина сопственост кога, на крајот, сумата што се плаќа за лизинг е само за неколку илјади евра помала од онаа која би се платила за купување на владиното возило. Таква економска анализа јавноста не ја виде. Претходниот состав на Антикорупциската комисија пред две години укажа на постоење на слабости во ваквиот вид на јавни набавки, дека нема економска анализа за оправданост, дека нема анализа зошто се набавува токму толкав а не помал број на возилата, дека нема соодветно планирање.

Тендерот пак се распишува дури и во предизборен период кога власта би требало да се воздржува од ваквите скапи набавки. Колку за илустрација, изборите беа распишани на 14-ти февруари, а овој тендер на 26-ти февруари. Не можеше ли тендерот да почека по изборите и зошто некому толку многу му се брза?

Претходна вестПотпишав дека невакцинирани и некомплетно вакцинирани деца не можат да одат во градинка, се знае што е невакцинирано, кажа Демири
Следна вестКолева: Силјановска е само уште едно лице на ДПМНЕ, не нѝ треба реприза на Иванов