Основниот суд Штип ја казни фирмата САНС АГ за затечените буриња со течно гориво, за кое анализите покажаа дека е штетно за здравјето на луѓето и за животната средина. Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) објави дека паричната казна изнесува вкупно 1.750 евра, од кои 1.500 за правниот субјект, а 250 евра за одговорното лице.

Инспектори од неколку државни инспекциски служби околу две години го чешлаа работењето на оваа штипска фирма, која во атарот на Пенуш, со рециклирање отпадни гуми, произведуваше течно масло за ложење, кое потоа, со фиктивни фактури, било продавано како мазут.

Засилените инспекциски надзори почнаа уште пред една година и открија ново загадување. Тогаш директорот на Инспекторатот, Сретен Стојковски, изјави дека се откриени повеќе неправилности кај штипската фирма САНС-АГ, која се занимава со рециклирање отпадни гуми за производство на масло за ложење.

– По извршен надзор од Царинската управа на нивни производ без декларација и сертификат за состав, беа земени мостри и е утврдено дека се токсични за луѓето и за околината. Од анализите што ги добивме од Царинската управа, односно од Институтот МОЛ во Белград, тие покажаа дека се работи за опасен отпад – рече Стојковски.

Тогаш од ДИЖС открија неправилности и кај Б интегрираната дозвола на САНС-АГ, зашто е издадена на парцела предвидена за пасиште и дека е без гранични вредности за емисиите во воздухот. Затоа Инспекторатот по втор пат побара од Општина Штип преиспитување на дозволата.

Раководителот на Секторот за инспекциски работи во Општина Штип, Тоше Ѓоргиевски, изјави дека пред еден месец ја започнале постапката за одземање на Б-дозволата на оваа фирма.

– Оваа постапка е почната пред 30 дена. Исто така, постапката за одземање на дозволата е долга, колку што е и за добивање Б интегрирана дозвола. Очекувам целата постапка за одземање на Б интегрираната дозвола на фирмата САНС-АГ да трае од 90 до 120 дена – вели Ѓоргиевски.

Инаку, за загадување на воздухот и на почвата, ДИЖС има поведено прекршочни постапки и за други компании, а изречени се парични казни од над 300 илјади евра.

– За „Таб Мак“ од Пробиштип, „Дрисла“ од Скопје, „Таневски“ од Куманово и „Голец компани“ од Тетово, постапките се водат на суд. Во втората половина на 2023, изречени се две кривични пријави. Едната е за непознат сторител од Струга, за незаконско депонирање отпад на брегот на Охридското Езеро, на локација кај селото Калишта. Втората кривична пријава ја делат компаниите „Рецикал екостарт“ и „Сатус“. Кривичната се однесува за бесправно депонираната оловна згура, лани во октомври, кај селото Орман, близу реката Лепенец, во Општината Ѓорче Петров – рече Стојковски, кој истакна дека и покрај тоа што биле вклучени уште едно правно лице и едно физичко во случајот, сега зависи од одлуката на јавниот обвинител од ОЈО дали ќе поднесе и други кривични пријави.

Измените на Кривичниот законик што стапија на сила на 15 март годинава, ги изменија некои од кривичните дела против животната средина, при што за некои од нив не е нужно да се предизвика штета за животната средина, туку е доволно да има емисии два или пет пати повеќе од дозволеното за да претставува тоа кривично дело.

– Доколку истовремено, како резултат на ваквите емисии, настанала штета за животната средина, се предвидува построга казна. Измените воведоа нови кривични дела, на пример екоцид, уништување живеалиште, промена на водниот режим и значително ги заоструваат казните што може да изречат, но за нивно целосно и ефикасно спроведување во практика, потребно е вложување во капацитетите на институциите што се одговорни за откривање и гонење на ваквите кривични дела. Поради тоа, потребни се јавни обвинители што ја разбираат областа на животната средина и ги имаат потребните знаења за ефикасно водење на истрагите, но и посебно одделение и единица во Министерството за внатрешни работи што ќе бидат специјализирани за откривање и прибирање докази за причинета штета на животната средина – потенцираат за весникот ВЕЧЕР од Македонското здружение на млади правници.

Оттаму појаснуваат дека измените на Кривичниот законик не вклучуваат посебни одредби во однос на начинот на докажување на штетата и истото ќе се докажува на истиот начин како и досега, односно со изготвување соодветни вештачења.

– Подобрувањата на Кривичниот законик за ова прашање се во тоа што за некои кривични дела самото испуштање материи два или пет пати повеќе од дозволеното е кривично дело, независно дали настанала штета за животната средина – велат од МЗМП.

(С.Бл.)