Станавме „кираџии“ во сопствената држава, ќе плаќаме поскапа струја поради грешките на државата

– Македонија мора, со државни средства, итно да почне со изградба на големи електроенергетски објекти, кои ќе обезбедат електрична енергија со најниска цена за потребите на граѓаните на Македонија. Постои огромна разлика меѓу сопственото производство на енергија и купувањето енергија од странство или од приватни производители во државата. Јас не сум против да се градат централи, и ветерни и гасни, и странци да ги градат тие централи, но граѓаните да не плаќаат повисока цена на струјата во наредните 20-30 години. Ако просечната цена на берза е околу 60 евра за мегават-час, ние ќе му плаќаме на странскиот инвеститор 50 отсто повисока цена од онаа на берза. Она што е пострашно е што имаме обврска 20 години да ја плаќаме струјата по таа цена, дури и да не ни треба – изјави за весникот ВЕЧЕР, Константин Димитров, универзитетски професор

5337

Граѓаните ќе плаќаат поскапа струја поради грешките на државата во енергетиката. Енергетските експерти велат дека со распродавање на енергетските капацитети на странци, во иднина ќе плаќаме поскапа струја. Станавме „кираџии“ во сопствената држава, бидејќи ако ги продадеме енергетските капацитети, во наредните 20-30 години државата има обврска да ја купува електричната енергија од сопствениците по повисока цена од онаа на берза.

– Македонија мора, со државни средства, итно да почне со изградба на големи електроенергетски објекти, кои ќе обезбедат електрична енергија со најниска цена за потребите на граѓаните на Македонија. Постои огромна разлика меѓу сопственото производство на енергија и купувањето енергија од странство или од приватни производители во државата. Јас не сум против да се градат централи, и ветерни и гасни, и странци да ги градат тие централи, но граѓаните да не плаќаат повисока цена на струјата во наредните 20-30 години. Ако просечната цена на берза е околу 60 евра за мегават-час, ние ќе му плаќаме на странскиот инвеститор 50 отсто повисока цена од онаа на берза. Она што е пострашно е што имаме обврска 20 години да ја плаќаме струјата по таа цена, дури и да не ни треба – изјави за весникот ВЕЧЕР, Константин Димитров, универзитетски професор.

Според него, постои значителна разлика и во цената на енергијата. Така, на пример, при домашно производство, цената е пониска, се штити стандардот на граѓаните и му се овозможува на стопанството да биде конкурентно. Додека, пак, приватниот инвеститор инвестира за сопствен профит.

Тој додава дека како да не им било доволно што сакале да ги продадат ХЕЦ „Чебрен“, ХЕЦ „Тиквеш“ и когенеративната гасна постројка на грчки „Митилинеос“, па сега сакаат да го продадат и производството на струја.

И универзитетскиот професор Дејан Трајковски смета дека била направена најголема грешка кога за малку пари ѝ била продадена ЕСМ Дистрибуција на австриската компанија ЕВН.

– За жал, беа распродадени токму „кокошките што несат златни јајца“, односно цветот на македонската економија, наместо најпрво да бидат продадени загубарите, со цел да започнат нов живот. Приватизацијата на ЕСМ Дистрибуција на денешна ЕВН Македонија тогаш беше извршена под изговор дека „државата е лош стопан, која не може да ги наплати сметките, ниту да ги спречи кражбите на електрична енергија“. Доколку државата била неспособна да врши наплата, можела да распише тендер само за избор на компанија за снабдување и наплата, она што денеска го работи ЕВН Хоум за домаќинствата или ЕВН Снабдување за компаниите – изјави професорот Трајковски.

Тој прашува зошто се тогаш распродадени сите трафостаници, уличната мрежа, па дури и хидроцентралите на Треска, односно објекти што воопшто не биле погодени од лошата наплата, а, згора на сé, биле и профитабилни, особено малите хидроцентрали.

– Грешките, започнати уште пред 20 години, упорно се повторуваат, со ризик да бидат продлабочени. Наместо да се бара решението во професионалното менаџирање и воспоставувањето домаќинско работење во РЕК „Битола“ и општо во ЕСМ, повторно го бараат решението во раскрчмување, а крајната цена ќе ја платат граѓаните. Добро е да се каже додека сé уште има време за да не бидеме повторно изненадени утре – вели Трајковски.

Со сличен став е и професорот Атанаско Туневски, кој смета дека сите значајни електроенергетски капацитети што ги има оваа држава, мора да останат државни.

– Секое распродавање, од првиот до третиот блок на РЕК „Битола“ или секое распродавање на хидроелектраните, е поткопување на енергетската независност и на енергетскиот суверенитет на оваа држава. Еден од главните столбови на една држава е енергетскиот суверенитет, ако го поткопате – немате држава – вели Туневски.

Експертите, сепак, сметаат дека сé уште има време и оти треба добро да се размисли за понатамошните чекори во енергетиката за не бидеме повторно изненадени.

(А.С.)