Италија поради мигрантите на Тунис му нуди 105 милиони евра

Италија ќе му помогне на Тунис со 105 милиони евра државни пари и кредитни линии, објави во средата кабинетот на премиерката Џорџа Мелони, како дел од напорите на Рим да ги зајакне економските врски со африканските земји и истовремено да ја спречи илегалната имиграција во европските земји која се одвива главно преку италијанските пристаништа.

„Енергијата е едно од прашањата во однос на коешто мора да продолжи зголемената соработка меѓу Италија и Тунис“, рече Мелони по средбата со тунискиот претседател Каис Саид.

Како дел од неколкуте договори, Рим му понудил на Тунис 50 милиони евра државни пари за да ѝ помогне на земјата да ги промовира проектите за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, изјави претставник од кабинетот на премиерката Мелони. Вториот договор предвидува заем од 55 милиони евра, а е наменет за поддршка на малите и средни туниски компании, изјави истиот функционер.

Мелони рече дека Рим сака да направи повеќе кога станува збор за охрабрување на редовната миграција и следење на минатогодишниот договор да им дозволи на околу 12.000 квалификувани работници од Тунис да влезат во Италија во период од три години.

„Мислам дека Италија може да стори и многу повеќе“, рече Мелони.

Според податоците на италијанското Министерство за внатрешни работи, од јануари до 17-ти април годинававо Италија пристигнале околу 16.000 мигранти, од кои 2.224 од Тунис, наспроти повеќе од 34.000 мигранти кои пристигнале во истиот период минатата година.