Search

Изложба Кимоно инспирации Скопје

По успешното претставување пред битолската публика, изложбата „Кимоно Инспирации“ на реномираниот костимограф и режисер, Благој Мицевски, доаѓа во Скопје. 

Изложбата вклучува дизајнирани костими инспирирани од јапонското традиционално кимоно кои се повлечени од депото на Народниот театар од Битола од претстави во кои се играле, но исто така и кимона кои се направени токму за оваа пригода.

Со ова скопско издание на изложбата „Кимоно Инспирации“, организаторите на настанот целат кон збогатување на културната програма на градот со повеќе настани во текот на годината со кои ќе се одбележат 30 години од воспоставување на билатерални односи помеѓу Македонија и Јапонија. 🎌

Изложбата „Кимоно Инспирации“ претставува одличен приказ за тоа како јапонската култура директно ја инспирира креативноста кај нашите уметници и творци.

Свеченото отворање на изложбата ќе се одбележи со традиционална презентација на церемонија на чај со Јуко Сакагучи и музички настап на флејтистката Стефана Марковиќ.

Отворањето на „Кимоно Инспирации“ ќе се одржи на 10 мај во Музеј на Град Скопје, со почеток во 19:30ч, а ќе биде достапна за скопската јавност до 14-ти мај.

Изложбата е во организација на ПАГОДА, а поддржана е од Амбасадата на Јапонија.

За авторот:

Благој Мицевски е костимограф, дизајнер, сценограф, режисер и уметнички директор. Дипломирал дизајн на текстил и облека на Технолошки факултет на Универзитетот во Загреб во 1991 година каде и ја започнува кариерата.

Добитник е на 14 награди за костимографија, а неговата богата кариера ја красат и бројни претстави. Неговата претстава „Без паника“ наградена со Гран При и една меѓу трите претстави во НТ Битола со 100 изведби.

Соработувал со врвни режисери и театарски работници во Македонија, Балканот, но и пошироко.

Најново

Последни колумни