КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Panta rei, само корупцијата и хаосот во Македонија се вечни

294

Panta rei, се тече сè се менува, рекол Хераклит, но за жал истиот не бил во Македонија за да го види исклучокот од неговото правило. Овде, во Македонија, ниту нешто тече ниту нешто се менува, сè останува исто, непроменето лошо, константно грдо, разнебитено, растурено, некадарно, неспособно, неодговорно и корумпирано.

Основата, не само на учењето на Хераклит, туку основата на сите филозофски учења е движењето или менувањето според определени законитости. Но ниту еден од овие филозофи не ја познавал Македонија, македонските политиканти и фолиранти, за да сфати дека има земји и народи во кои единственото движењето е стоење во место, а законитостите се само форма која политикантите ја користат за да го запрат секое движење.

Во центарот на своето учење, Хераклит го ставил движењето и за него суштината е менувањето кое се случувало со законитости. Се што постои има почеток и крај – настанува, постои и исчезнува но не и во Македонија каде корупцијата е вечна како и најнекадарните, најрасипаните кои се прогласија за политичари, а не се ништо друго освен политиканти. Корупцијата кај нас ти е како perpetuum mobile, во постојано движење е, не запира и не забавува.

Не постои ниту една земја на светот во која не постои корупција, но голема е разликата во тоа што се случува кај нас и во другите земји. Прво и основно е што и покрај корупцијата, другите земји напредуваат, се развиваат, се гради, создава, за разлика од нас каде што ниту се создава, ниту гради (освен градежната мафија) напротив се уништува, урнисува, пали, руши, разнебитува. Втората разлика е во реакција на правниот систем. Во другите земји можеш ти да крадеш, да проневеруваш, затајуваш ама сè до мигот додека не те откријат, а во мигот кога ќе те фатат нема пардон. Без оглед на функцијата , општествената положба, богатството, ако надлежните органи откријат корупција правниот систем реагира и следува санкција за секој прекршител. Кај нас ако те откријат дека си корумпиран, а си на висока партиска или јавна функција веднаш од тоа се прави политички проблем, се прикажува како политичка хајка, почнуваат партиски преговори, договори, мешетарења, се носат закони за помилување, амнестија, аболиција, а за тоа време обвинителството спие, ни слуша ни гледа сè додека извршната власт не им даде инструкции. Кај нас што повеќе украдеш толку си позаштитен и толку се помали шансите да одговараш, а ако украдеш виршли, спас ти нема.

Со децении едни те исти ликови дефилираат на македонската политичка сцена, една те иста безидејност и расипаност се нуди, едни те исти ветувања и едни те исти неостварувања. Единствено нешто што политикантите  оствариле во Македонија е нивната лична корист и богатење. Дури и сè она што се нуди како ново или независно на политичката сцена е само маска затоа што секој нов лик е стар, веќе бил во една од партиите и не направил ништо, секој независен до вчера бил зависен, бидејќи потекнува од една од партиите од која е избркан па така ја стекнал независноста.

Нити слоганите кои ги користат и ги соопштуваат од билбордите не се нови туку се веќе видени неостварени ветувања.

Самиот факт што сите оние кои се нудат на изборите да раководат со државата, на еден или друг начин веќе биле во власта, а државата ни е разнебитена, урнисана, партизирана и корумпирана, многу кажува за нивното чувство за одговорност и моралните принципи. Немаат ниту трошка срам, немаат ниту чувство за одговорност па очекувањата и по изборите се исти, panta rei, само општиот хаос, расулото и корупцијата во Македонија се вечни и непроменливи.

 (Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)