Поддршка за младите жени и за девојките во инженерските професии

38

За создавање врвни професионалци во техничките науки, неопходно е практично искуство, посочи во своето обраќање пред младите девојки инженери генералната директорка на „Макстил“, Марија Дуковска-Павловска.

– Мотивирањето за одење напред и надградување на себеси треба да произлезе од самите вас, а изборот на науката, технологијата, математиката и инженерство веќе ве дефинира како професионалци, кои се развиваат и одат напред следејќи ги новите текови. Сепак, знаењето што го имате може да најде најдобра примена во производството, бидејќи во производните индустрии ви се отвора простор да ги зголемите вашите потенцијали и да бидете дел од процес на создавање. За еден професионалец и некој што се вложил себеси во инженерските науки, создавањето производ е најголемо себепризнание – истакна Дуковска-Павловска во својот мотивирачки говор кон девојките инженери.

„Макстил“, како компанија, има отворени можности за практична работа, стипендирање и перспективни работни позиции за младите жени и за девојките со СТЕМ-образование. Како современа компанија, каде што електротехничките, машинските, технолошко-металуршките, компјутерските и информатичките науки наоѓаат голема примена, нуди одлични услови за вработување и за кариерен напредок на сите млади професионални кадри.