Европа
Лавров: Украинскиот план е бесмислен, вклучува повлекување на нашата армија од освоените територии
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека мировниот план предложен од Украина е бесмислен бидејќи се заснова на неприфатливи идеи како што е повлекувањето на Москва од териториите што ги окупирала.
Во интервју за московскиот весник „Известија“, Лавров рече дека мировниот самит предложен од Украина нема да успее додека не се променат неговите основни постулати, вклучително и тоа дека на него треба да биде дозволено учество на Русија.
„Во секој случај, ние сме подготвени да разговараме, но не врз основа на „мирната формула“ на Зеленски“, рече Лавров.
Тој, исто така, се прашуваше како некој сериозен политичар во Вашингтон, Брисел, Лондон, Париз или Берлин „може да каже дека нема алтернатива за формулата на Зеленски“.
Лавров ги отфрли како неприфатливи одредбите од украинскиот мировен план, со кои, меѓу другото, се бара Русија да се повлече од териториите што ги окупираше, вклучувајќи го и Крим, анектиран во 2014 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски отфрла каква било помисла за преговори со Москва на која било основа освен мировен план, забележува Ројтерс.
Лавров рече дека се сретнал со официјални претставници и дипломати од Швајцарија кои го увериле дека мировниот самит, на кој Берн се согласи да биде домаќин, ќе ја вклучи Русија и ќе се одржи под „реални услови“.
„Ние разбираме дека ништо не може да се реши без вас, тоа е неправедно“, ги цитира Лавров зборовите на швајцарските претставници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Соборивме руски борбен авион
Украинската 110-та посебна механизирана бригада собори уште еден руски борбен авион Су-25, соопшти единицата.
47-та механизирана бригада претходно во текот на денот извести дека соборила руски јуришен хеликоптер Ка-52 Алигатор, пишува Киев Индепенден. 110-та посебна механизирана бригада собори три руски авиони во последните две недели. Бригадата погоди уште два Су-25 на 4 и 11 мај.
Единицата не прецизираше каде е соборен авионот, но познато е дека бригадата оперира кон Авдиивка во регионот на Доњецк.
Су-25 се користи за обезбедување блиска воздушна поддршка на руските трупи на теренот, помагајќи им да извршат интензивни напади на повеќе делови од источниот фронт, кој го покрива најголемиот дел од регионот на Доњецк.
Европа
Три недели од исчезнувањето на аутистично момче во Германија: дали Аријан бил жртва на несреќа при лов
Поминаа три недели откако шестгодишното момче Аријан Арнолд исчезна во германскиот град Бремерворде. „За нас е необјасниво што сè уште никаде не го најдовме момчето“, изјави портпаролот на полицијата Хајнер ван дер Верп.
„Ништо не можеме да исклучиме. Никогаш не сме ја отфрлиле можноста тој да е киднапиран“, додаде Ван дер Верп во интервју за магазинот „Шпигел“. Според информации на Билд, полицијата ја истражува можноста дека се работи за скриена несреќа при лов.
Билд пишува дека полицијата истражува дојава дека момчето може да биде повредено и моментално се наоѓа во непозната куќа. Полицајците имаат намера да разговараат со локалните жители за да добијат нови информации и да видат дали забележале нешто.
„Тоа ќе биде еден вид чистење од врата до врата“, објасни Ван дер Верп. Досега, официјалните лица главно претпоставуваа дека станува збор за несреќа, стравувајќи дека детето со аутизам можело да падне во блиската река Осте.
Беа ангажирани нуркачи и чамци, но тоа не даде резултат. На брегот е откриен детски отпечаток, што е интересно бидејќи Аријан не носел чевли во моментот на неговото исчезнување. Предвидено е и ново пребарување на реката. Изминатиот викенд беше топло време, кое многумина го искористија за да се прошетаат покрај реката, но никој не забележа ништо корисно.
Аријан исчезна од куќата на неговите родители на 22 април. Полицијата има снимка од блиската надзорна камера. Според информациите на Билд, на снимката се гледа како Аријан брзо се движи по улицата околу 19:15 часот. Додаваат дека Аријан во тој момент држел предмет кој личи на играчка меч или стап и дека изгледал безгрижно.
Европа
Шолц со колегите од нордиските земји: „Ќе ја поддржуваме Украина се додека е потребно“
Германскиот канцелар Олаф Шолц и неговите колеги од нордиските земји повикаа денеска на состанок во Шведска за итно зголемување на помошта за Украина, која се соочува со нови руски напади во близина на Харков.
„Ќе ја поддржуваме Украина се додека е потребно“, рече канцеларот на прес-конференција во Стокхолм.
Германија, која во април објави дека испраќа дополнителен систем за воздушна одбрана „Патриот“ во Украина, ги повика своите европски сојузници да го следат примерот.
„Берлин се надева дека ќе следат и други европски земји, бидејќи на крајот ни треба многу муниција и артилериски тенкови и системи за противвоздушна одбрана“, нагласи Шолц.
„Мораме да направиме повеќе. Многу е важно дискусијата да не запре тука, туку да се носат реални одлуки низ цела Европа“, додаде тој.
Триесетина села во североисточна Украина денеска беа под оган од руската армија во областа Харков, каде за неколку дена окупираа десетици квадратни километри.
Украина упорно бара од западните сојузници да испратат системи за противвоздушна одбрана, особено Патриоти, кои се особено ефикасни во пресретнувањето на балистички ракети. Ги имаат неколку европски земји.
„Главната причина за загубите на Украина денес е недостатокот на противвоздушна одбрана, а ние имаме системи. Ако треба да формулираме само една желба, тоа би била испорака на системи за противвоздушна одбрана што е можно побрзо“, изјави данската премиерка Мете Фредериксен.
„Сите ние мора да ја почувствуваме итноста на ситуацијата“, додаде таа.
Нордиските земји и Германија се меѓу главните поддржувачи на Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, а Берлин е вториот најголем донатор, според институтот Кил. Олаф Шолц се сретна со колеги од Данска, Норвешка, Финска и Шведска.
„Тие разговараа за прашањата на безбедносната политика како што се хибридните закани, цивилната подготвеност и новите технологии“, објави шведската влада.