Советничката група на СДСМ Штип со реакција за начинот на одржување на денешната седница

Советничката група на СДСМ со реакција до претседателката на Советот на Општина Штип, заради одржувањето на седницата на советот во просториите каде простигнува избирачкиот метријал. Велат дека било поднесено барање денешната седница да биде одложена.

„Советничката група на СДСМ во рамките на советот на Општина Штип до претседателката на Советот поднесе барање закажаната седница за денес да биде одложена.Причината поради која бараме да се одложи седницата е поради фактот дека токму денес започнува изборниот процес за претседателките избори и веќе во просториите на салата каде се одржуваат седниците на Советот е пристигнат избирачкиот материјал, кој членовите на избирачките одбори го подигаат од Општинската изборна комисија.Имено, ОИК ја користи салата на Советот од каде врши прием и предавање на избирачкиот материјал и во такви услови е невозможно нормално да се одвива седницата.

По поднесеното барање до претседателката на Советот за одлагање на седницата, не добивме никаков одговор ниту пак наидовме на разбирање од мнозинството советници. Ја прашуваме претседателката на советот и мнозинството советници: Дали на овој начин сакаат да извршат притисок врз избирачките одбори и да ги контролираат и дали вршат злоупотреба на должноста советници во Советот за да вршат контрола на изборниот процес?“ – стои во сооштението од советничката група на СДСМ.

Претседателката на советот на Општина Штип, Весна Кожинкова посочи дека седницата била свикана уредно согласно Деловникот.

„45 седница на Советот на Општина Штип беше свикана уредно согласно Деловникот за работа на Советот на Општина Штип за ден 23.04.2024г. Деловникот за работа на Советот нема предвидено никаква одредба за одложување на седницата, а дополнително на тоа Советничката група на СДС нема поднесено никакво барање до Советот поткрепено со нивни потписи. Од таа причина, а и поради фактот што советниците од СДС не се појавија на Советот да го образложат своето барање кое би било ставено на разгледување на Советот, сметавме дека не се создадени услови за одложување на седницата. Дополнително, неоснованото и паушално “обвинување” за некаков притисок врз избирачките одбори, а сме физички одвоени со Општинската изборна комисија, е само оправдување за нивното неоправдано отсуство и нивниот начин на работа да не присуствуваат на седници на советот за кои имаат обврска и земаат паушал од џебот на граѓаните! “ – вели Кожинкова.

Лаура Стојанова М-Нет