Кузеска: Изборите фер и демократски, граѓанската волја ќе одлучи по кој колосек ќе се движи понатаму

Имавме мирен, достоинствен и успешен изборен ден. Изборите беа фер и демократски, како што доликува впрочем на земја членка на НАТО со почнати преговори со ЕУ, изјави портпаролката на СДСМ Богданска Кузеска на прес-конеренцијата одржана во седиштето на партијата кратко по затворањето на избирачките места на двојните избори што се одржаа во земјава.

Таа посочи дека биле констатирани одредени неправилности, но оти сметаат дека тие биле незначителни за изборниот процес и нагласи дека се во очекување на првичните резултати од гласањето.

-Граѓаните можеа слободно да ја искажат својата волја и да одлучат за иднината на земјата. Правото на глас и слободното одлучување се најзначајни придобивки во демократијата. Благодарност до сите граѓани коишто денеска излегоа на изборите и гласаа. Граѓаните покажаа демократски капацитет, а институциите зрелост, имавме слободни, демократски, мирни и достоинствени избори. Особена благодарност изразуваме до граѓаните кои го дадоа својот глас за СДСМ коалицијата „За европска иднина“ и за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Граѓанската волја ќе одлучи по кој колосек ќе се движи Македонија понатаму. Во очекување сме на првичните изборни резултати, рече Кузеска.

На новинарско прашања за тивкиот бојкот во општините со доминантно албанско население, каде гласаа за парламент, но не и за претседателските кандидати, портпаролката на СДСМ посочи дека секоја партија треба да опдговара пред себе за тоа како настапила и оти СДСМ никогаш не биле кочничари на демократските процеси во земјава.

-Секоја партија како настапи на овие избори треба да одговори пред себе и пред граѓаните. СДСМ од самиот почеток и кандидатот којшто го поддржува СДСМ заедно со коалицијата „За европска иднина“ повикуваа на масовност, повикуваа граѓаните да го искористат своето право на глас како за парламентарните така и за претседателските избори. СДСМ никогаш не бил кочничар на демократските процеси, никогаш не бил кочничар на кои било процеси коишто ја носат државата напред и затоа денеска излегуваме со една ваква оценка и уште еднаш благодарност до сите граѓани коишто излегоа на гласање и коишто го искористија свето право на глас, подвлече Кузеска.

Следната прес конференција од СДСМ ќе ја држи претседателот на партијата Димитар Ковачевски, а за времето на одржаување ќе информираат дополнително од партијата.