Унгарскиот премиер Виктор Орбан се закани дека следниот пат ќе ги блокира европските санкции за Русија ако Брисел не помогне во повторното пуштање на рускиот гас низ Украина, што запре на 1 јануари. Орбан кажа дека украинската одлука да го запре протокот на рускиот гас до Централна Европа е неприфатлива и довела до покачувањето на цените.
Рускиот извоз на гас преку украинските гасоводи запре откако истече договорот за транзит, што Украина не сакаше да го обнови, сметајќи дека на тој начин се финансира руската агресија.
„Тоа што Украина не дозволува рускиот гас да тече низ нејзината територија за да стигне до Централна Европа е неприфатливо. Тоа ги покачи цените на гасот. Ако гасот не почне повторно да тече, Унгарија следниот пат ќе стави вето на европските санкции за Русија“, кажа Орбан.
Европската Унија во понеделникот ги обнови санкциите за Русија откако Унгарија се откажа од претходно најавената блокада, добивајќи за возврат декларација за енергетска безбедност. Санкциите бараат едногласно одобрување од сите членки на ЕУ кога се обновуваат на секои шест месеци.
„Европската комисија е подготвена да ги продолжи разговорите со Киев за снабдување на Европа преку гасоводниот систем во Украина во согласност со нејзините меѓународни обврски. Во тој контекст, Комисијата е подготвена да ја вклучи Унгарија во процесот, заедно со Словачка“, соопшти ЕК.
Унгарија се снабдува со рускиот гас преку гасоводот во Туркменистан, не преку Украина, но Орбан смета дека и украинската рута е важна за неговата земја.