1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Кој се крие зад дојавите за бомби?

ДТЗ
5 декември 2022

Полицијата поднесе пријава за тероризам за малолетник од Скопје, кој испратил дел од заканите до училиштата. Тече истрагата за останатите закани кои ги празнат училиштата

https://p.dw.com/p/4KULw
закани бомби училишта
Кој се крие зад дојавите за бомби кои стигнуваат од странство?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Хибридните закани го држат во грч целиот Балкан. Северна Македонија повеќе од еден месец е мета на лажни дојави за поставени бомби во училиштата, а слична мака имаат и соседните земји. Слични дојави ја кренаа на нозе и Хрватска, каде од изутрината се вршат проверки во владата и во судовите.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека според првичните сознанија пораките се испратени од домен којшто е регистриран во САД и тоа ја покажува сериозноста за ваквите хибридни напади. „Многу е тешко да се обезбедат сите докази коишто доаѓаат, бидејќи ова претставува транснационален криминал, кој не е во рамките на државата“, вели Спасовски.  

Малолетник ќе одговара за тероризам 

Полициската истрага утврдила дека зад дел од пријавите се крие малолетник од Скопје, кој признал дека испратил мејлови до неколку училишта. На него му е поднесена кривична пријава за тероризам. 

„Малолетникот инспириран од претходни објави за поставени бомби во неколку средни училиштата на територијата на град Скопје, во период од 26 октомври до 2 ноември годинава на социјалните мрежи забележал дека пораките биле испратени преку конкретен провајдер, кој нуди криптирање и заштита на комуникацијата. На 4 ноември од неговиот компјутер, пристапувајќи на интернет-мрежата на еден телекомуникациски оператор, креирал електронска адреса на конкретниот провајдер преку која напишал заканувачка порака за поставени експлозиви во четири средни училишта. Истиот ден, користејќи посебна апликација, преку неговиот мобилен телефон се поврзал на неговиот персонален компјутер и во 14:09 часот на службените електронски адреси на четирите средни училишта во Скопје,испратил порака со заканувачка содржина“, информираат од МВР.

закани бомби училишта
Полициската истрага утврдила дека зад дел од пријавите се крие малолетник од Скопје, кој признал дека испратил мејлови до неколку училишта. На него му е поднесена кривична пријава за тероризам. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Се евакуираат и градинки 

Дојавите за бомби за првпат започнаа на крајот на октомври годинава, а деновиве тензијата од скопските училишта се префрли и во внатрешноста на земјата. Мета не се само средните училишта, туку изминативе деновиве беа евакуирани и неколку основни училишта. По денешните нови дојави во пет училишта во Кавадарци, евакуирана е и градинка којашто се наоѓала во близина на подрачното училиште во село Марена. Сите дојави досега беа лажни.

„Не е лесно да се открие кој стои зад дојавите за бомби во училиштата, бидејќи заканите доаѓаат од странски приватни виртуелни мрежи и адреси, но има индиции“, вели премиерот Димитар Ковачевски. 

Тој додава дека станува збор за кибер војна. „Овие лажни дојави за бомби се дел од тоа. Ги има и во други земји. МВР и секторот за тоа мора да реагираат и тоа го прават. Цел на овие напади се создавање паника. Не е лесно да се открие кој стои зад дојавите за бомби во училиштата, бидејќи се користат виртуелни приватни мрежи во кои се отворени овие адреси, но има индиции за сторители и ако се утврди дека се од земјава ќе бидат санкционирани“, вели премиерот. Северна Македонија е во постојана комуникација со НАТО партнерите и има координација и со ЕУ за сајбер нападите. 

закани бомби училишта
Дојавите за поставени бомби најчесто се пратени преку заштитени адреси од странство за кои не се добиваат лесно факти, податоци и информации.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, дојавите за поставени бомби најчесто се пратени преку заштитени адреси од странство за кои не се добиваат лесно факти, податоци и информации. „Извршена е комуникација и со партнерските земји и со Интерпол, Европол и сите други. Станува збор за ВПН-конекции кои се од Швајцарија и за тоа ќе треба преку меѓународна помош да се добијат тие информации бидејќи државите не сакаат да ги споделуваат информациите и не може да се дојде до брз одговор“, вели Спасовски. 

Балканот во грч 

Дојавите за бомби се многу распространети и во соседството, по инвазијата на Русија врз Украина. Врховниот и Вишиот кривичен суд во Хрватска добија дојави за поставена бомба. Неколку стотици вработени во Општинскиот и Жупанискиот суд во Сплит се евакуирани од зградите. Во дојавата наводно пишувало дека зградите ќе бидат урнати.