Промоција на книги од академик Нада Поп-Јорданова

Во мултимедијалниот културен центар Матица ексклузив од Скопје денеска ќе се одржи промоција на новите книги на академик Нада Поп-Јорданова „Медицината во сликарството (една слика вреди илјада зборови)“ и „Генијалност и/или лудило – големите композитори и нивните ментални болести“.

За овие две ретки изданија ќе говорат академик Васко Ташковски и проф. д-р Јане Коџобашија.

Академик Нада Поп-Јорданова била редовен професор по медицина, медицинска психологија и етика, невропсихологија и развојна психологија. Целиот работен век го поминала на Клиниката за детски болести, лекувајќи деца со разни педијатриски и психолошки проблеми.

Покрај со лекарска практика, се занимавала со едукација на студенти, постдипломци и докторанди. Последниве години, како член на МАНУ, исклучиво се занимава со научни истражувања од областа на невронауката.

Досега објавила 20 книги на македонски јазик, неколку поглавја во странски книги на англиски јазик, како и многу статии во дневните весници.

Член е на неколку академии: Светската, Европската, Њујоршката академија за наука и уметност, а за редовен член на МАНУ е избрана во 2012 година.