1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Време е за нова политика кон Западен Балкан

Christian Schwarz-Schilling Kommentarbild App
Кристијан Шварц-Шилинг
7 јуни 2023

Американската политика кон Западен Балкан му дава предност на етнонационализмот. Време е за промена на таквата политика, пишува колумнистот на ДВ, Кристијан Шварц-Шилинг.

https://p.dw.com/p/4SFoC
Многу злосторства остануваат неказнети: комеморација на воените злосторства во северозападниот босански град Приједор на 31 мај 2023 година
Многу злосторства остануваат неказнети: комеморација на воените злосторства во северозападниот босански град Приједор на 31 мај 2023 годинаФотографија: Dragan Maksimovic/DW

На 18 мај, Дерек Шоле, советник во Стејт Департментот на САД и Габриел Ескобар, специјален пратеник на САД за Западен Балкан, застанаа пред Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат (ФРЦ) и одговараа на прашања за американската политика на Западен Балкан. .

Беше занимливо, но и разочарувачки да се види и слушне како двајца американски дипломати и луѓе кои ја сообликуваат политиката на САД на Западниот Балкан заобиколуваат одговори и избегнуваат да дадат прецизни информации. Во нивните одговори употребија многу убави зборови како демократија, суверенитет и територијален интегритет и пред сѐ го споменаа пристапувањето кон Европската унија. За жал, остана на тоа, површни одговори без многу содржина. Бев разочаран.

Пред 30 години, доживеав како САД, со државниот секретар Ворен Кристофер, безуспешно се обидуваа да ја придвижат ригидната Европска Унија кон вистински ангажман во поранешна Југославија. Беше срамота со оглед на тогашните воени злосторства.

Дерек Шоле, советник во американскиот Стејт департмент
Дерек Шоле, советник во американскиот Стејт департментФотографија: Gemunu Amarasinghe/AP Photo/picture alliance

Зошто додворување на Вучиќ?

Сè уште добро се сеќавам како претседателот Бил Клинтон, по три години крајно брутална војна и геноцид во Босна и Херцеговина, реши да ја поддржи Босна и Херцеговина.

И затоа денес не разбирам каква цел следат САД со својата политика на Западен Балкан.

Зошто прагматичните Американци го избраа претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за „силен човек“ на Западен Балкан? Претседателот на Комитетот за надворешни односи, сенаторот Роберт Менендез, за ​​време на сослушувањето со право праша зошто САД соработуваат со некој кој, како што весникот „Њујорк тајмс“ детално објави, негува блиски односи со криминалното милје во земјата. Зошто му се додворуваат на некого кому Русија стратешки му е многу драга? Зошто се бара блискост со Србија, која со својата етнонационалистичка политика - сите Срби во една држава - е еден од катастрофалните предизвикувачи на конфликтот во поранешна Југославија?

Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар ВучиќФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Враќање кон етнонационализмот?

Двајцата високи американски дипломати не можеа да дадат одговор на тие прашања.

Врз основа на кои анализи на некои земји од Балканот им се дава приоритет, а други се казнуваат?

Беа објавени неколку анализи за новиот курс (насока) на американската политика на Балканот. Се согласувам со некои. Дури можам да разберам дека има причини зошто Американците бараат решение, кое за нив е наводно прагматично. Русија, Кина, Тајван - сите овие земји се посилно во фокусот на светската политика отколку Балканот. Сепак, ова не е причина да се поддржат хегемонистичките политики  на Западен Балкан, со цел да се воспостават нови односи на моќ и со тоа да се жртвуваат земји како Босна и Херцеговина, Црна Гора или Косово.

Дали навистина сакаат Босна и Херцеговина уште повеќе да ја турнат во етнонационализам? Иако тврдат дека се борат токму против таквиот етнонационализам?

Индиректна помош за сецесионизмот

Иако се прават обиди претседателот на помалиот ентитет во Босна и Херцеговина - Република Српска, Милорад Додик, да се стави под контрола со санкции и предупредувања, индиректно му се помага во спроведувањето на неговите сецесионистички планови. САД одлучија да се борат против корупцијата на Западен Балкан, меѓу другото и со санкции, а сепак ги поддржуваат најкорумпираните политичари.

Милорад Додик, претседател на Република Српска, еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина
Милорад Додик, претседател на Република Српска, еден од двата ентитета на Босна и ХерцеговинаФотографија: Dragan Maksimovic/DW Bosnisch

Да се ​​потсетиме како сегашниот американски претседател Џо Бајден на неговата поранешна функција како сенатор, пред истата Комисија, во април 1993 година, со својот извештај „Да се ​​застане против агресијата: Милошевиќ, Босанската република и совеста на Западот“ , повика да ѝ се помогне на Босна и Херцеговина да ѝ стави крај на војната.

Без стратегија и опасно

Дали претседателот Бајден го одобрува она што го прави Стејт департментот денес? Дали знае дека сегашната американска политика всушност ги навредува жртвите на тогашните етнички цели на војните од 1990-тите?

Ден по сослушувањето, американскиот претседател Бајден во Сенатот го предложи Џејмс О'Брајан за нов потсекретар за Европа и за Евроазија. Во 1995 година, О'Брајан учествуваше во изготвувањето на Дејтонскиот мировен договор и работеше во времето кога јас бев висок претставник во Босна и Херцеговина во групата експерти за реформа на Уставот, која јас ја основав. Тој е искусен правник и поранешен американски специјален пратеник  за Западен Балкан, кој добро ја познава Босна и Херцеговина и целиот регион.

Се надевам дека со неговото назначување во Вашингтон сепак сфатија дека мора да се направи промена на курсот која сегашната американската политика кон Западен Балкан, која е штетна, без стратегија, без резултати и опасна, ќе ја насочи на нов пат. Но, сѐ додека Дерек Шоле, кој ја сообликува политиката кон Западен Балкан, е советник во Министерството за надворешни работи на САД, за жал можам да бидам само полуоптимист.

ЕУ слепо ги следи САД

По последното избувнување на насилство на северот на Косово, во кое милитантните српски демонстранти ги повредија војниците на КФОР, САД - сосема несфатливо - еднострано најавија санкции против Косово.

Немири во северно Косово: српски демонстранти нападнаа војници на НАТО-силите на Косово (КФОР), фотографија од 29 мај 2023 година
Немири во северно Косово: српски демонстранти нападнаа војници на НАТО-силите на Косово (КФОР), фотографија од 29 мај 2023 година Фотографија: Laura Hasani/REUTERS

И овде САД - како и ЕУ - речиси воопшто не реагираат на провокативната српска политика, напротив. Тоа што Вучиќ од Белград ги спречува косовските Срби да се интегрираат во државата Косово, тоа едноставно го прифаќаат и ЕУ и САД. На косовскиот премиер Албин Курти дури и му се ускратува поддршка, бидејќи очигледно не сака да биде вклучен во американските планови.

Зошто ЕУ и Германија речиси слепо ги следат САД? Тоа што Европската Унија не е способна да биде самокритична и ја прави истата грешка како пред 30 години со воениот злосторник Слободан Милошевиќ, е доказ за нејзината неспособност.

Пресуда која менува сè

На 31 мај, Хашкиот трибунал ја донесе својата конечна пресуда во 20-годишното судење во кое беа вклучени двајца водечки функционери на српската државна безбедност во војните во 1990-тите во Босна и Хрватска. Секој од нив доби по 15 години затвор, меѓу другото, за организирање заеднички злосторнички потфат и протерување на несрпското население во Босна и Херцеговина, како и во Хрватска.

Главниот обвинител Серж Брамерц јасно кажа: „Оваа пресуда менува сè.“ И навистина: оваа пресуда треба да има големо влијание за вреднувањето на војната во тоа време.

Франко „Френки“ Симатовиќ, поранешен офицер на српската служба за државна безбедност, пред Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија во Хаг на 31 мај 2023 година
Франко „Френки“ Симатовиќ, поранешен офицер на српската служба за државна безбедност, пред Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија во Хаг на 31 мај 2023 годинаФотографија: Piroschka van de Wouw/REUTERS

Тоа е доказ дека Србија активно учествувала во војната против Босна и Херцеговина. По оваа пресуда, таа војна никогаш веќе не може да се нарече „граѓанска војна“. Сега конечно и официјално е потврдено, она што сите ние всушност цело време го знаевме: Србија во тоа време беше активно вклучена во војната.

Но, сега се поставува прашањето дали оваа пресуда ќе промени нешто во Европската Унија и во САД во однос на денешната политика кон Западен Балкан. Дали сите и натаму ќе гледаат на Александар Вучиќ и на Србија како на главни актери на Западен Балкан и ќе им се додворуваат? Зарем не е конечно дојдено време за одлука за промена на политиката и давање предност на поинаква политика на Западниот Балкан? Политика во која ќе има последици за виновниците и за сторителите на злосторства, а жртвите конечно ќе бидат сослушани.

Christian Schwarz-Schilling Kommentarbild App
Кристијан Шварц-ШилингФотографија: Oliver Rüther

Професор д-р Кристијан Шварц-Шилинг од 1982 до 1992 беше министер за пошта и телекомуникации во владата на германскиот канцелар Хелмут Кол. Од протест поради воздржаноста на германската влада во текот на војната во БиХ, тој поднесе оставка. Десет години беше меѓународен медијатор за БиХ, во периодот 2006-2007 ја извршуваше функцијата Висок претставник на ЕУ во БиХ. Повремено пишува колумни за Дојче веле.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема