Македонија е жива!

Само што завршуваше 1990 година, месец ноември, јас тазе вратен од септемвриската класа на тогашната ЈНА, се чуствуваше распад на таа некогашна убава Југославија (додека бевме во војска ни го укинаа задолжителниот дневник во 19 и 30 часот), почна демократијата (читај тогашен национализмот) во скоро сите Ју република, а Македонија нормално и во ова доцнеше, како и во се друго впрочем. Додека бев во војска во Јуни таа година се формираше ВМРО ДПМНЕ, наследници на историското и национално ВМРО.

Се сеќавам во војска имав еден поручник, го викавме Муто, неславно име за еден македонец во ЈНА, но за жал така беше, и еден ден ме повика во неговата канцеларија и на македонски ми кажа, земо дали слушна дека кај нас се формирало партија со предзнак ВМРО? Чудно го гледав и не разбирав што сакаше да ми каже. Едноставно му реков добро, супер, баш убаво! Ме гледаше вџашено и збунето. После тоа си го добив своето на стража и чистење кењефи. Се уште не можев да сватам зошто и што кажав лошо. Но подоцна кога се „скинав“ сватив целосно. Веќе во Хрватска се формираше ХДЗ, во Србија растеше новиот национализам под водство на Милошевиќ, Словенија се спремаше за одење од заедничката и братска Југославија. Па и во Македонија почна процесот на плурализам. Почнаа да никнуваат нови политички признаци.

Се уште не бев свесен што значеше тоа за нас обичниот човек, но сепак бев свесен уште пред тоа дека еднопартизмот, односно комунизмот како преоден стадиум во социјализмот, еден ден, тс брзо ќе се распеднеше. И за тоа си го добив во школо, кога учев во средно-правно насоченото (мисловна реформа на една или две генерации на образование во тогашниот ЈУ систем), чувениот Борис Кидрич. Си го добив како укор за исклучување, па татко ми мораше да ме брани, ах тој мој татко што се претрпе заради мене, те сакам тато до небото и назад, кога го повикаа во школо и му кажаа што направил синот. А ништо не направив, само кажав дека на дефиницијата Што е комунизмот? Дека е перпетум мобиле!!! ( машина кој има енергија која еден ден ќе се исрцпи и нормално ќе умре). Е за тоа бев прогласен за непријател на комунизмот и општественото управување. И така  бидна, за две или три години комунизмот снема енергија и почна да се руши како кула од карти, а јас сепак бев  во право.

Е после тоа рушење на едноумието, се раѓаше плурализмот. Јас млад клинец, тазе скинат од едногодишниот пост, бев присатен на првите организирани големи митинзи на Семакедонското народно движење, но со приклонетост на тазе формираното ВМРО ДПМНЕ, во Гостивар и Тетово, најголем дел од организацијата ја направија моите вујковци од Гостивар (вујко Димче покој ти душа таму горе, те сакам бескрајно), буквално пред првите парламентарни избори на 11 ноември 1990. Таа слика на маса на луѓе, толку возбудени дека ќе имаат своја национална држава и власт, знамиња насекаде веени со разни македонски предзнаци, едноставно до ден денешен ми останаа врежани во мене, Од тогаш вашиот колумнист реши да биде следбеник на таа политика и идеологија.

По вокација сум десничар, по идеологија демохристијанин, во погледот и мислите сум космополит како големиот Александар Македонски кој го ширел античкиот македонизам,како Кирил и Методиј кои „су много путовали“ и никогаш не сакам некого друг да го потценувам, но никако не давам мене да ме понижуваат, менуваат идентит, или исмејаваат. Пробаа во војска со погрдните имиња „македонче“ и она „бугарче“ па си го добија своето.

Сега доаѓам до главната поента.

Поминаа точно десет месеци од „Мојата претпослендна колумна“, беше 13 Јули (таа бројка 13 се случи случајно тогаш да излезе колумната, денес се покажа како среќна) каде нај песимистички ја пишував мојата „безнадежна“ мисловна идила. Оние што ме читаат добро се сеќаваат на таа колумна беше и една од најчитаните.

Во неа бев го кажал мојот песимизам и крајот го завршив дека „до некои поубави времиња се читаме повторно“. Не дека денес е нешто поубаво, но сепак ова е почеток на нови времиња, на нова надеж, на мојот, а и вашиот победоносен танц. Не за џабе и ја започнав колумнава вака, да направам паралела и поврзаност со она што се случи пред некој ден на последните претседателски и парламентарни избори и на оние времиња кога се раѓаше македонизмот. А, се случи народ. Се случи народот да му каже на секој оној кој пробува да тргува со името, идентитетот и судбините на македонците дека ке заврши неславно и во буниште. Да не го потценува македонецот и народот, затоа што секогаш знаат кога и што треба да направи за да се одбрани. И дека онаа моја чувена парола од песната на Боб Марли, „кренето го својот глас веќе еднаш, секој наш повишен тон, било каде ќе победи, само молкот е ужасен, не дозволувајте ужас без крај“, овој пат народот го крена својот глас и го даде на оној кој заслужил. Е сега овие другиве што го добија нивниот глас, нека имаат на ум, вклучително и мене заедно со нив, дека треба да го чуваат, негуваат и работат за овој народ кој колку толку, остана во ова мило парче земја Македонија.

Овие денови се уште ќе танцуваме на победата, а за многу брзо ќе почнеме со работа, јас со туризмот и колумниве мои, каде ќе помагам, а богами и критикувам ако грешиме.

Некаде прочитав  многу интересно нешто. „Колку македончиња ќе ми родиш? Егеј, Вардар и Пирин. Македонија цела да е“ (не е национализам), но симболично поврзано со мене. Јас веќе имам три деца, три керќи, три Македонии. Живи и здрави да ми се и сите вие кои се дружите со мене веќе 3 години и повеќе.

И да Македонија се уште е жива.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес