Лекторите по македонски јазик на МСМЈЛК при УКИМ бараат корекција на пресметката на платите и покачување за 22 отсто

Со плати што не ги покриваат основните трошоци за живот и сместување, лекторите по македонски јазик на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ) се изземени од последните покачувања на платите на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за 22 отсто, реагираат од единаесетте лекторати во светот.

Оттаму додаваат дека лекторите во изминатиот период се соочуваат со сериозни финансиски проблеми и се принудени да живеат со просечна македонска плата во големи светски метрополи, каде што трошоците за живот се осетно зголемени поради глобалната инфлација во изминатите години.

„Лекторите по македонски јазик на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ) вршат значајна национална мисија за ширење на македонскиот јазик, литература и култура на 11 активни лекторати во светот. И покрај нивните сериозни заложби и посветеност за ширење на македонистиката на образовен, културен и дипломатски план, тие се оставени на маргините, со плати што не ги покриваат нивните основни трошоци за живот и сместување, па се принудени да се снаоѓаат како што знаат и умеат. И покрај ваквата незавидна положба во која се наоѓаат, лекторите на МСМЈЛК при УКИМ се изземени од последните покачувања на платите на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за 22 отсто“,реагираат лекторите на МСМЈЛК при УКИМ.

Девизниот додаток, односно додатокот за подобрување на животниот стандард во странство, кој и онака е мал, додаваат тие, не се исплаќа редовно секој месец, што дополнително ја отежнува тешката финансиска ситуација во која се наоѓаме.Лекторите на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје, исто така, информираат дека не го добиваат целосниот износ на основната плата што им следува, односно добиваат само 75 отсто од износот на основната плата за работните десет месеци, што е во спротивност со Правилникот за работа на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје.

Тие велат дека со официјално барање побарале одговори и решенија за проблемите од ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, но до денеска не добиле одговор.

„Лошата финансиска ситуација сериозно го загрозува опстанокот на лекторатите по македонски јазик во странство и затоа ги доставуваме следните барања до Ректоратот на УКИМ и до Министерството за образование: Наоѓање соодветно правно решение за корекција на дискриминaторската одлука за изземање на лекторите по македонски јазик во однос на останатите 3 200 вработени со цел нивната плата да го добие покачувањето од 22 отсто што го добија сите вработени на УКИМ; Наоѓање соодветно правно решение за корекција на пресметката на платите, со цел лекторите за време на работните месеци да го добиваат целосниот износ од платата што им следува, односно 100 отсто, како и редовно исплаќање на девизниот додаток“,се наведува во соопштението на лекторите на МСМЈЛК при УКИМ.

Доколку надлежните не одговорат на овие барања, вработените на МСМЛЈК при УКИМ во Скопје нагласуваат дека ќе преземат соодветни мерки за заштита и остварување на своите права кои се загарантирани со Уставот и законите.

 

Back to top button
Close