Три ракописи во потесен избор за наградата Новите! 2022

26.11.2022 09:19
Три ракописи во потесен избор за наградата Новите! 2022

 

На седумнаесеттиот конкурс „Новите!“, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик, годинава учествуваа 14 ракописи:

Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ – Лина Димоска

Митосказанија – Димитар Арнаудов

Недоучен живот – Иван Атанасков

Љубов во време на фејсбук – Арлинд Фаризи

Љубов низ призма на планините – Ивана Крстова

Животот нема цена – Наташа Стојановска

Анастасија – Милка Минкова

Заглавен во квечерината – Никола Денковиќ

Бегство од изгрејсонцето – Дејан Гаџовски

Секојдневје – Анастасија Анѓеловска

Зошто, прашуваат маглите, зошто – Бојана Тренковска

Климентина Соколовска - До сржта на вистината

Ненапишан закон - Љупчо Даниловски

Феникс - Благица Гавриловска

 

Комисијата за доделување на наградата (Фросина Пармаковска, Петар Андоновски и Андреа Делипапаз) како најквалитетни ги издвои ракописите „Бегајќи од изгрејсонцето“, „Митосказанија“ и „Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ“. Во продолжение пренесуваме неколку цртички за трите ракописи кои влегоа во најтесниот круг за наградата во 2022.

„Бегство од изгрејсонцето“, краткиот роман во дванаесет поглавја на Дејан Гаџовски, претставува една исповед за животот, љубовта и минатото, водена низ постојана интроспекција и дијалог со внатрешниот глас. Станува збор за роман-потрага по среќата и за обид да се одговори на прашањето: што би било кога би било? Може ли да се смени минатото и каква рефлексија би имало тоа на сегашноста, на иднината? Средбата, случајноста, мигот се значајни одредници на патувањето низ кое нѐ поведува нараторот и главниот лик, а кое започнува од младоста, поминува низ целиот живот, сѐ до староста и последната станица, домот за стари лица во Берлин.

„Митосказанија“ на Димитар Арнаудов е збирка раскази - сложувалка на микроуниверзуми на човековата душа, но и на надворешниот свет во сета своја убавина и изопаченост. Екстраваганти ликови, необични настани, слики и симболи кои постојано се движат на границите меѓу сонот и јавето, животот и смртта, реалното и чудесното... Актуелните состојби кај нас и во светот; историските ликови во необични, сатирични контексти; лудилото на сегашноста и модерните болести се само дел од мотивите кои може да се сретнат во овие раскази со магично-реалистичен призвук.

„Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ“ на Лина Димоска е роман за обидот на една млада жена да се соочи со своето минато и траумите кои произлегуваат од него, со цел пронаоѓање на вистинската слобода и можност да се живее поинаков, подобар живот. Физичкото и психичко врсничко насилство; силната траума и нејзината рефлексија во сите аспекти во животот, особено изборот на партнерот; малата средина оптоварена со многубројни стереотипи и ограничувања... се дел од проблемите на главниот лик со кои тој треба да се соочи како дел од терапијата, и во буквална и во преносна смисла.

Доделувањето на наградата „Новите!“ за 2022 година ќе се случи на 6 декември во 12 часот во галеријата Метаноја, во рамките на малиот Темплум новогодишен саем на книги.

Ексклузивен покровител на наградата„Новите!“ е Комерцијална банка АД Скопје.