Search

Фокус на македонското кино во Кинотека

Во месец мај како дел од понудата на филмското мени на Кинотека е цела тематска целина посветена на великанот на седмата уметност, нашиот филмски автор Столе Попов.

Оваа година важната кинотечна награда „Златниот објектив“ќе му биде доделена на Столе Стојан Попов – режисер, сценарист, продуцент и автор, кој во голема мера ја задолжи националната кинематографија – како со својот наградуван филмски опус, така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на седмата уметност и филмското образование.

Режисерот Попов ќе биде официјално присутен на самата церемонија, а присутните филмски работници ќе бидат во можност да проследат темелна анализа и осврт за и околу неговото творештво. На големото платно во кино салата повторно ќе може да се видат клучните остварувања со неговиот режисерски потпис – документарните филмови ОГАН, ДАЕ, АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА, како и веќе антологиските играни филмови ЦРВЕНИОТ КОЊ, СРЕЌНА НОВА 1949, ТЕТОВИРАЊЕ. Во рамките на циклусов ќе биде прикажан и македонскиот револуционерен вестерн-проект, ДО БАЛЧАК, реализиран по сценарио на легендата на македонската театарска и филмска драматургија, Горан Стефановски.

Домашната кино-сцена ќе биде претставена и преку ретроспективна проекција на кратки форми. Филмофилите ќе бидат во можност повторно да ги видат филмовите потпишани од етаблираните дејци Кочо Недков, Дарко Марковиќ, а ќе биде прикажан и краткиот филм ВЛАКНА, по сценарио и во режија на Елеонора Венинова.

На менито на Кинотека, месецов се наоѓа и промоцијата на новиот филм потпишан од францускиот кино-провокатор Франсоа Озон. Се работи за еден навистина интересен, постмодерен осврт и своевиден римејк на делата потпишани и креирани од легендата на германскиот нов бран, Рајнер Вернер Фасбиндер.

Ако имате дилема дали да го поминувате своето слободно време во салата на Кинотека или, пак, надвор, на убавото време, не се двоумете. Има време и за едното и за другото. Но секако, не смее да се изостави понуденото, подготвеното програмско мени на Кинотека, особено богато и значајно месецов.

Најново

Последни колумни