Фото: З.А.

На вториот ден од Велигден во Македонски Брод се одржа традиционалната културно-туристичка манифестација „Велигденски кули“.

Оваа традиција датира уште од османлиско време и живее до ден денес. На вчерашната манифестација беа подигнати три кули што ги формираат жители на Македонски Брод. Посетеноста на овој настан секогаш е исклучително голема и во текот на вчерашниоот ден покрај локалните жители беа присутни и поранешни жители на Македонски Брод и соседните градови.

Фото: З.А.

– Во нашиот град на втор ден Велигден се одржа традиционалната културно-туристичка манифестација Велигденски кули. Беа создадени три кули од човечки тела кои прошетаа од старото село Брод до градскиот плоштад. Самите кули го симболизираат петвековното турско ропство. Петте луѓе во првиот ред ги симболизираат петте векови ропство, а петте луѓе во горниот ред го симболизираат македонскиот христијански народ – истакна Бојан Бежоски, поет, писател и хроничар на Поречието.

Тој даде објаснување за обичаите во рамки на манифестацијата.

– Инаку, сликите со резбаниот крст го претставуваат црковниот обичај покрсти, обиколка на градот, односно заклинување на четири црковни места на дабови дрва ги симболизира четирите страни на светот. Се заклинува, односно се жлеба крст кој го симболиизира крстот на кој бил распнат Исус, потоа се прави дупка со сврдел што го симболизира исусовиот гроб, а во дупката се става леб и вино кое ја симболизира христовата крв и со дрвен клин се запечатува онака како што бил запечатен и исусовиот гроб – додаде Бежоски. З.А.

Фото: З.А.