Колбе: Македонските граѓани веруваат во волшебната моќ на ЕУ и оставаат да им се распаѓа државата, но треба тие да ја градат, а не ЕУ!

„Не само политичарите, туку и македонските граѓани веруваат во  волшебната моќ на ЕУ. Оставаат да им се распаѓа државата, чекајќи ја ЕУ. Забораваат дека стабилноста на некои ЕУ-членки,  како Германија,  потекнува, пред се, од нејзините стабилни државни институции. Членството во ЕУ не ги направи стабилни државните институции. Тие беа изградени во долг процес од германските граѓани.“ – вели Кица Колбе во својата колумна со наслов „Еутопија и балканфобија“, која ја објави Дојче веле на македонски јазик.

Покрај другото, натаму Колбе пишува:Австрискиот писател и еден од најострите критичари на воената пропаганда Карл Краус уште во Првата светска војна пишуваше дека војните на Балканот се „скицираат” на генералските маси во европските метрополи. Тој варварски Балкан беше исто толку производ на европските „Големи сили”, колку што беше и плод на борбата за чисти национални држави во едно историско подрачје на Европа, во кое долго владееја империи, чии поданици потекнуваа од многубројни етнички групи.

ЕУ како „ЕУтопија”

Малечките балкански народи се „заразија” со сонот за „големи држави”, имитирајќи ги големите европски држави. Комплексот на мала вредност на речиси сите балкански народи се раѓа во споредбата со големите европски држави. Балканските народи ја бараат сатисфакцијата назадно, во старите, пропаднати царства. Тоа ЕУ не би смеела да го толерира во своите „редови”. Затоа што тој назаден поглед го храни „страшилото Балкан”.

Од друга страна, земјите кои за ЕУ денес се уште се „Западен Балкан,” треба критички да ја преиспитаат својата претстава за ЕУ како „ЕУтопија”. Треба да престанат да чекаат да станат членки на ЕУ, за да почнат да се однесуваат европски. Таа увереност е или знак на незрелост, или изговор да не се промени ништо кај себеси.

Не само политичарите, туку и македонските граѓани веруваат во  волшебната моќ на ЕУ. Оставаат да им се распаѓа државата, чекајќи ја ЕУ. Притоа забораваат дека стабилноста на некои ЕУ-членки,  како Германија,  потекнува, пред се‘, од нејзините стабилни државни институции. Членството во ЕУ не ги направи стабилни државните институции. Тие беа изградени во долг процес од германските граѓани.

Ниту земјите-членки на ЕУ се утопискиот рај, ниту земјите-кандидати за ЕУ во Југоисточна Европа се „варварскиот Балкан”.