На големата сцена во центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, вчера и денеска се одржува 25-то издание на детскиот музички фестивал „Распеано рибарче“. Годинава на петте приредби ќе бидат изведени 23 нови детски песни, кои претендираат да станат хитови и да го најдат патот до детските срца. На сцената во танцовите кореографии заедно со триесетината изведувачи ќе се појават стотина деца. Четири приредби се наменети за учениците од основните училишта, а завршната приредба е вечерва, од 19 часот. Од самиот почеток, па до денес, фестивалот се потпира на охридски млади изведувачи, автори на музика и текст, композитори, аранжери, кореографи и водители.
– Зад нас се над 500 изведени песни на кои времето не им може ништо и денес некои од нив се пеат, а на сцената во хорот и танцовите групи магијата на јавниот настап и сцената ја осетиле близу 3.000 деца. Има и такви што со музиката на еден или друг начин уште се дружат. Без лажна скромност фестивалот „Распеано рибарче“ одамна е бренд, машинерија зад која стојат пред сè големата љубов на организаторите, нераскинливата врска со поддржувачите, мирисот на носталгијата кон минатото и одамна зацртаниот пат кон иднината – велат организаторите.
Пред 26 години, сега покојниот Коле Петкуќески го создаде „Распеано рибарче“. Коле ја сакаше естрадата, иако по професија беше машински инженер, во срцето беше наклонет кон музиката, танцот, пеењето.
Фестивалот годинава е финансиски поддржан од Министерството за култура и Општина Охрид. Зад овој проект се обединети како тим: Мери Димзовска, Милчо Јованоски, Јовица Каралиевски, Елизабета Здравеска и Димче Китрозоски.