Македонија
Димитриевски: Ароганцијата на оние кои дозволија отварање на бугарски клубови во Македонија е ненадминлива
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска по повод празникот на трудот Први Мај организираше пикник во Пелинце. Претседателот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски во изјавата за медиумите им го честиташе празникот на сите граѓани и работници и им посака здравје, успех и среќа.
Тој рече дека работничката класа е онаа што ја дигнала Македонија да стане држава.
Димитриевски рече дека истовремено сака да испрати порака до актуелното раководство на СДСМ.
„Истите тие коишто дозволија да се отвараат бугарски клубови кои го содржат името Ванчо Михајлов во текот на нивниот мандат и ја згазија не само социјалдемократијата, туку и илинденските и асномските левичарски вредности и принципи, не обвинија дека сме човек партија. Нивната ароганција е ненадминлива. Ова раководство на СДСМ, со овој арогантен пристап ја доведе партијата до историски најслабиот резултат.
Не само што ја навредија ЗНАМ, лично мене, навредија и уште 84 илјади граѓани кои го дадоа својот глас за движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија. Ниското ниво на комуникација нема да го прифатиме. Но, како и да е, ние позитивно продолжуваме понатаму и чест ми е што
денеска токму овде традиционално во Меморијалниот центар Пелинце- АСНОМ, каде што се удрени темелите на современата македонска држава, гледам голем број на мои поранешни соборци и сопартијци, коишто ни се придружија на овој настан во организација на Движење ЗНАМ – За наша Македонија и нивниот број секојдневно расте.
За разлика од раководството на СДСМ, тие ја прифатија подадената рака. Нашата цел е да продолжиме да ги обединуваме граѓаните и ние ќе работиме исклучиво во интерес на Македонија, државните и националните интереси“, порача Димитриевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има се до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територија на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење на мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.