ДРЖАВЈАНСТВО ЗА ФРАНЦУСКИОТ ХЕРОЈ ОД СИДНЕЈ – гест на благодарност од австралиските власти/ВИДЕО

429
Printscreen

Австралискиот премиер Ентони Албанезе му понуди државјанство на херојот Демијан Геру, француски државјанин кој го спречи напаѓачот во трговски центар во Сиднеј да изврши поголем масакр. Геро е во Австралија со работна виза која наскоро истекува.

Австралијците веќе го нарекоа храбриот млад човек „човекот со столбот“. Во саботата, тој и неговиот пријател Силас Деспро тргнале да го спречат лудиот напаѓач.

– Луѓето панично трчаа кон излезот. Одеднаш видовме како напаѓачот се движи кон нас. Продолживме да трчаме, а потоа најдовме столб, го зедовме со нас и се вративме назад. Се обидовме да го фатиме агресорот, но тој избега преку ескалаторот. Сакавме да го гаѓаме, но безуспешно. Потоа реши да тргне по скалите кон нас – пренесе Геро.

На видеото се гледа како тој храбро го држи напаѓачот со нож на далечина. Во тоа, вели, му помогнал неговиот пријател.

„Не се исплашив. Проработи адреналинот. Кога ќе видите дека некој ве напаѓа, не размислувате многу“, вели тој. „Погледот му беше празен. Како да не беше присутен“, вака го опиша агресорот.

Пред полицијата да го неутрализира, напаѓачот убил шест лица. Сите се согласуваат дека трагичниот исход од нападот во Сиднеј, да не беа храбрите Французи, можеше да биде многу полош. Веднаш беше покрената петиција за да му се дозволи на Геро да остане во Австралија, а потоа премиерот му понуди државјанство.

– Добредојден е. Може да остане овде колку што сака. Ќе бидеме среќни да го примиме меѓу австралиските граѓани, иако тоа ќе биде загуба за Франција – изјави Албанезе.

Зборуваше и францускиот претседател.

– Сочувство до Австралијците погодени од нападот во трговскиот центар во Сиднеј. Двајца наши сонародници се однесуваа како вистински херои. Голема гордост и признание – напиша Емануел Макрон.

ТЕРОРИСТИЧКИ ВЕРСКИ АКТ
Полицијата во Австралија соопшти дека нападот што следеше во понеделникот, исто така во Сиднеј, го извршил шеснаесетгодишен младич кој бил уапсен и дека овој чин е окарактеризиран како терористички чин со религиозен мотив. Во таа прилика беа повредени четири лица, меѓу кои еден свештеник и верници.