Што е следно? Кога Давкова официјално ќе стане првата жена претседател на Македонија, а кога ќе се формира новата Влада?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Гордана Силјановска-Давкова ќе стане првата жена претседател на Македонија. Кандидатката подржана од ВМРО-ДПМНЕ убедливо славеше над својот конкурент Стево Пендаровски од СДСМ, и ќе биде на функцијата во следните пет години.

Според законите, инаугурацијата треба да се случи најдоцна до 12 мај, кога истекува мандатот на Стево Пендаровски. Но, во меѓувреме ДИК треба да ги потврди резултатите од претседателските избори и да прогласи победа на Силјановска-Давкова.

Седница за инаугурација на новиот претседател треба да свика актуелниот претседател на Собранието, Јован Митрески.

Мандатот на новиот собраниски состав треба да биде верификуван од ДИК, и почнува да тече од конститувната седница на Собранието.

Според Уставот, новоизбраниот парламент се останува на седница најдоцна 20 дена по изборите. Седницата ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав, во случајов Јован Митрески. Ако тоа не се случи, тогаш пратениците сами се состануваат да го состават собранието на 21 ден од денот на завршување на изборите.

10 дена по конституирањето на Собранието, претседателот на државата ќе треба да го додели Мандатот за состав на нова Влада на кандидатот на партијата/коалицијата која има мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена му поднесува програма и го предлага составот на новата Влада за која ќе има расправа, а потоа и гласање во Собранието, по што се формира новиот владин кабинет и новите министри. Се очекува целата процедура да биде завршена до крајот на овој, односно почетокот на идниот месец и Македонија да добие нова влада, додека Гордана Силјановска-Давкова би требало официјално да стане првата жена претседател во следните неколку дена.