На 86 годишна возраст, на 30 април годинава, згасна животот на Мира Кепеска, професор по француски јазик во пензија од Охрид.

Првиот дел од работниот век оваа позната професорка го мина во Основното Училиште „Свети Климент Охридски“ во Охрид, по што ја паметат бројни генерации ученици на кои покрај даденото знаење на францускиот јазик, Кепеска им беше водич низ воспитниот процес и убавото однесување, вистински пример за изградена култура и трајни човечки вредности. Важеше за професорка која на учениците им всади љубов кон францускиот јазик, применувајќи рамноправност и современи наставни методи, научени на повеќето студиски престои за стручно усовршување во Франција. Нејзините ученици велат дека Кепеска никогаш не му оставила единица на ниту еден ученик, сметајќи дека тоа е неуспех на професорот кој мора да најде начин да го мотивира и научи ученикот барем за преодна оценка.

Вториот дел од работниот век Мира Кепеска го мина во тогашниот регионален завод за школство, потоа Биро за развој на образованието во Македонија, како републички инспектор за странски јазици, реализирајќи низа реформи, ревизии и контроли во основното образование во регионот на Охрид, Струга, Дебар и Кичево. Кепеска работеше и како судски преведувач, беше страствен читател на книги и постојан следбеник на настаните од културата и другите значајни случувања на јавната сцена во Охрид.

Си замина во вечноста една вистинска дама – Madame која со својата појава, рафиниран стил и ненаметлив шарм, остави препознатлив, силен печат во градското живеење на Охрид.

Посмртните останки на Мира Кепеска ќе бидат изложени на Градските гробишта во Охрид, во четврток, 2 мај од 12:00 до 12:30.

Вечна и слава и вечен спомен.

OhridNews