Мароко го оствари најголемиот резултат во последно време и успеа да слави голема победа над Белгија, триумф со кој сега оваа африканската селекција има големи шанси за пласман во осминафиналето.

Освоениот бод против Хрватска и трите бода освоени против „црвените ѓаволи“ прават Мароканците да бидат во пол-позиција за нокаут фазата, а со игра како оваа денеска, нависитна имаат зошто да се надеваат на таков подвиг во тешката група Ф.

Мароканците ја победија Белгија со 2:0 со головите на Сабири и Абуклал, но натпреварот ќе се памети и по бизарната ситуација која се случи пред првиот судиски свиреж.

Првиот голман Јасин Боно излезе на теренот како стартер и стоеше заедно со соиграчите за време на интонирањето на химната, но потоа „исчезна“ од почетните 11 и не позираше на тимската фотографија пред мечот.

Неговото место го зазема Мунир и тој го одигра цел меч, а по истиот селекторот Валид Реграгуи објасни што се случило.

– Боно доби удар на мечот со Хрватска и сакаше по секоја цена да игра и денеска. Не беше сигурен, но се обиде буквално до последен час. На крајот, не се чувствуваше добро и беше доволно искрен да признае. Му го отстапи своето место на колегата и тој имаше феноменален меч, – изјави Реграгуи.