Цените на златото на нов рекорд, надминаа 3.100 долари за унца

Цените на златото денеска надминаа 3.100 долари за унца, поради стравувањата на инвеститорите дека американските царини би можеле да ја поттикнат инфлацијата и да го ограничат економскиот раст, како и континуираната побарувачка од централните банки.
На физичкиот пазар, унца злато по пладне вредеше 3.117,29 долари, што е за 1,1 отсто повеќе од затворањето на тргувањето во петокот. Неговата цена накратко скокна на 3.128,06 долари.
Кај фјучерсите на американскиот пазар, златото денеска се тргуваше и по 1,1 отсто повисока цена, по 3.151,10 долари за унца.
Само од почетокот на годината златото поскапе за околу 18 отсто. Во 2024 година, неговите цени скокнаа за околу 27 отсто, поттикнати, меѓу другото, од побарувачката од централните банки. Неодамна, најавите за американски тарифи, исто така, обезбедуваат поттик на цените.
Американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува да воведе реципрочни царини за сите земји кои во среда воведуваат царини за американски стоки, а тарифите за увоз на автомобили исто така треба да стапат во сила во четврток.
„Порастот на побарувачката на злато ја одразува вознемиреноста на инвеститорите за тарифите. Постојат стравувања дека (таксите) ќе го ограничат економскиот раст“, а овие грижи ги поддржуваат цените на благородниот метал, објаснува Нитеш Шаг од WisdomTree.
Инвеститорите традиционално купуваат злато за да ја заштитат вредноста на имотот за време на периоди на зголемена политичка нестабилност и да се спротивстават на падот на каматните стапки. Централните банки, исто така, се обидуваат да ги зајакнат своите биланси и да обезбедат снабдување во период на геополитички и економски тензии.
Цената на среброто на физичкиот пазар падна за 0,4 отсто, на 33,96 долари за унца. Платината и паладиумот поскапеа за 0,8 отсто, на 991,55 долари и 979 долари за унца, соодветно.