Ваков апсурд, оцени Филипче на денешната прес-конференција, не е виден никогаш во политичката историја на државата, но она што е видено и се повторува, рече тој, е периодот од 2008 година кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт и кога од лидерите во ЕУ-интеграциите паднавме на последното место
Тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата, но пред сè огромна катастрофа за иднината на граѓаните. Вака лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, ја оцени одлуката на амбасадорите на државите членки на Европската Унија (ЕУ) Албанија да ги продолжи преговорите со Унијата и да се раздвои од Северна Македонија на патот на евроинтеграциите.

За жал, оваа нова пропуштена шанса, рече Филипче на прес-конференцијата во Собранието, ќе се одрази на многу семејства и на уште една цела нова генерација граѓани на земјава.
„Ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива“,
рече пратеникот и претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Како главен виновник за ваквиот развој на настаните Филипче директно ја посочи владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер Христијан Мицкоски, за кои кажа дека на граѓаните им сервираа една голема изборна измама, каде што преку „куп лаги и манипулации се обидоа да ја сокријат вистинската намера“.
„А вистинската намера е дека ниту имаат план ниту сакаат државата да напредува и да се развива во и кон Европската Унија. Велеа дека планот ќе го соопштеле откако ќе победат на изборите. Па еве денес, откако доживеавме тежок пораз, ги прашуваме: Кој е планот? Кои се роковите на планот, ако воопшто го има? До кога ќе бидете фиктивна опозиција во државата и нема да преземете одговорност и чесно да кажете што ќе се случува со оваа земја?“,
изјави Филипче.
Северна Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија како ќе продолжиме напред, рече лидерот на СДСМ, додавајќи дека за само сто дена Владата ја закопала и последната шанса дека тука некогаш ќе се живее подобро.
Според лидерот на опозициската партија, политиките на ВМРО-ДПМНЕ, кои, како што кажа, служат само за ширење популизам и лажен патриотизам, носат само меѓународна изолација, економска стагнација и внатрешни тензии.
„Осиромашена, безнадежна, внатрешно раскарана и раселена. Ова е планот на ВМРО-ДПМНЕ за Македонија. За првпат по 30 години откако државата го започна својот пат кон ЕУ, Владата сама себе се блокира. Стравот од било кои идни блокади е сам по себе блокада. Мицкоски ги блокира граѓаните и напредокот на државата додека сите нè плаши со некакви си идни можни блокади“,
рече тој.
Ваков апсурд, оцени Филипче, не е виден никогаш во политичката историја на државата, но она што е видено и се повторува, рече тој, е периодот од 2008 година кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт и кога од лидерите во ЕУ-интеграциите паднавме на последното место.
„Сега повторно влада на ВМРО-ДПМНЕ сака од последно место конечно да се откажеме од планот за евроинтеграции. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се цунами за Македонија. Оваа влада е влада без чувство за одговорност, лидерство и грижа за граѓаните. Ова е влада која во 100 дена само се жали, бара оправдување и внесува параноја во општеството. Наместо за надеж се говори за дестабилизација. Наместо решенија се отвораат нови проблеми. Наместо за мир и градење мостови се создаваат нови надворешни и внатрешни непријатели. Ова се политиките на ВМРО-ДПМНЕ со кои сакаат граѓаните да ги направат гневни, раскарани и откажани од подобар живот“,
изјави лидерот на СДСМ.
Најголемата трагедија, рече Филипче, е што ВМРО-ДПМНЕ всушност сака повторна билатерализација на преговорите со ЕУ и спорот со Бугарија. Говорејќи во таа насока, тој рече дека премиерот Мицкоски е свесен дека со реторика на расправии и конфликти може да добие само полош договор, но, како што заклучи, тоа е и целта.
„Треба на сите да им е јасно дека спорот со Бугарија не беше веќе билатерален. Со тешки маки успеавме од таков да го донесеме во рамки на преговорите. Ние веќе не преговараме со Бугарија, туку со Европската Унија, а ВМРО-ДПМНЕ сака пак да го билатерализира. Значи, целта е да се врати наназад, односно да се отвори повторно билатерален проблем. Како планира Мицкоски со реторика на расправии и конфликти да обезбеди подобри услови со Бугарија во билатералната комуникација. Свесен ли е дека ќе добие само полош договор. Свесен е, но очигледно тоа е и целта. Ова прашање да биде повторно и повторно главна тема во медиумите, а расправиите со соседите главна алатка за неговата пропаганда“,
изјави тој.

Лидерот на СДСМ вели дека и понатаму е убеден дека со промена на Уставот, што, како што посочи, е јасен услов во Преговарачката рамка, ништо нема да изгубиме, туку, напротив, ќе добиеме.
Според него, тоа е најдобриот начин како држава да се заштитиме од натамошни барања и уцени на патот кон членство во ЕУ.
„Тоа е единствениот начин веќе за секој проблем со кој може да се соочиме во иднина да биде решаван во рамки на Европската Унија, пред сите членки, а не само Бугарија. Тоа е начинот да нема веќе билатерализација на проблемот. Со почеток на разговорите ние веќе никогаш нема да преговараме со Бугарија, туку со Европската Унија. И тоа е гаранција за нашиот пат кон членството“,
рече лидерот на опозициската партија.
Прашан дали СДСМ би ја поддржал власта ако успее да се договори за уставни измени со одложено дејство, Филипче одговори дека секој успех со кој ќе се подобри нашата позиција во процесот на преговори тие како партија ќе го поддржат, но според информациите што ги имаат од Брисел за средбата на Мицкоски со челниците на ЕУ, промени во Преговарачката рамка не се возможни.
„Нашите информации од состанокот во Брисел на премиерот со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кажуваат дека таму на премиерот јасно му било кажано дека ништо во Преговарачката рамка не може да се промени и дека не доаѓа предвид, не можат да се спроведат уставни измени со одложено дејство“,
рече Филипче.