
Сенатот на САД го усвои нацрт-законот за финансирање на работата на американската Влада до 30 септември 2025 година. Со ова се избегна блокада на владата (шатдаун) што ѝ се закануваше на земјата.
Гласањето синоќа помина со 54 гласа „за“ додека против беа 46 сенатори.
Претходно, сенаторите го поминаа нацрт-законот низ процедуралноно гласање, при што 62 членови на Горниот дом на американскиот Конгрес, вклучувајќи и 10 демократи гласаа „за“.
Чак Шумер, лидер на демократското малцинсто во Сенатот, беше искритикуван од своите колеги затоа што водеше кампања да се гласа за финансирање на владата. Демократите ја критикуваа законодавната иницијатива, стравувајќи дека, доколку биде усвоена, ќе му овозможи на Доналд Трамп повеќе можности за прераспределба на државните средства по своја дискреција.
Од друга страна ставот на Шумер беше дека запрена работа на владата е во прилог на „лошата политика“ за кратење на работните места и федералниот буџет на Трамп и Илон Маск.
При конечното гласање документот беше усвоен со просто мнозинство.
Законот предвидува зголемување на буџетот за одбрана на САД за шест милијарди долари во тековната фискална година, додека за 13 милијарди долари се намалуваат неодбранбените ставки.
Документот, исто така, вклучува дополнително финансирање на Службата за имиграција и царинска контрола на САД (ИЦЕ) во износ од 485 милиони долари за поддршка на напорите на Агенцијата за депортација на нелегалните мигранти.
Во случај на негативен исход од гласањето, САД ќе се соочеа со прекин на работата на федералната влада, што ќе беше прв пат за време на сегашниот мандат на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.