Breaking News

Таравари со последен повик до приврзаниците на Села да го земат печатот од Алијанса за Албанците, во спротивно очекува да станат дел од ДУИ


Претседателот на Алијанса за Албанците и кандидат за шеф на државата Арбен Таравари денеска упати последен повик до приврзаниците на Зијадин Села да ги земат печатите на партијата со цел да создадат листа со кандидати со пратеници само од тој политички субјект.


Повикот доаѓа во пресрет на денешното Собрание кое за попладнево го свикаа приврзаниците на Села.


Таравари оцени дека неговите поранешни сопартијци ако не ги прифатат печатите ќе завршат како членови на ДУИ.

– Пред да се одржи тоа Собрание јас уште еднаш апелирам ако е пречка печатот на партијата слободно јас ќе им го дадам и логото и печатот нека излезат сами на избори, барем да имаат политичка конзистенција, оти јас и ние кои сме огромниот дел од Алијанса за Албанците имавме сомнеж дека некои наши функционери многу се доближија до ДУИ.


По овие избори јас ви гарантирам дека тие, ако влезат на исти листи со ДУИ крајот ќе биде заедничка партија, сите ќе завршат во ДУИ.

Уште еднаш апелирам доколку сакаат нека ги донесат листите ќе ги потпишам ќе им ги дадеме и печатите и логото на партијата да го користат само нека одат сами, ако сè уште стои тој конзистентен нивен став, изјави Арбен Таравари денеска од Тетово.


И да бидат поранешните сопартијци на заедничка листа со ДУИ, според Таравари, тоа е нивно легитимно право.

Истото го кажа и за Турската Демократска партија (ТДП) која се приклучи на коалицијата на ДУИ, додека во Гостивар на локално ниво се коалициски партнери со него.


– Многу легитимно, меѓутоа јас продолжувам да мислам поради убавите работи што се направени во Гостивар и за Турците и за сите други етнички заедници, не секогаш каде оди партијата одат и гласачите затоа и јас не сакав да одам со ДУИ.

Знам дека гласачите се за промени. Затоа се одлучив да одам за промени и јас мислам дека огромен дел од турските гласачи во Гостивар ќе гласаат за промените и за коалицијата Вреди, посочи Таравари.

Според него, викендов ќе се бидат познати листите со кандидати на коалицијата „Вреди“.

– Се е готово ќе имаме нови ликови, некомпромитирани, кои не биле во Специјални јавни обвинителства, коишто не се дел од црни листи, докажани професионалци, чесни луѓе се надевам дека некаде сабота-недела ќе ги имаме конечните имиња ќе ги објавиме, треба да ги поминеме во собранијата во сите наши партии, рече Таравари.

Во Изборниот штаб на коалицијата „Вреди“ во Тетово, Таравари презентира луѓе кои би биле дел од претседателскиот кабинет. ас/са/Фото МИА  .

Извор: МИА