Орбан им порача на водечките функционери на ЕУ: Соберете си ги работите и заминувајте

Највисоките функционери на Европската унија мора да си заминат и не заслужуваат втора можност по изборите за Европскиот парламент, порача во петокот унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Десничкарскиот суверенистички челник на Унгарија, според оцените во Брисел се соочува со еден од најтешките избори во неговата 14-годишна надмоќна власт. Унгарската економија, како и повеќето европски, е во рецесија, велат и дека неговата платформа за семејни вредности е потресен од веќе минатиот скандал со злоставување што резултираше со оставки во власта, а противниците на Орбан во ЕУ многу надежи полагаат во нова личност на политичката сцена во Унгарија дека може да го промени повеќе од децениското статус-кво.

Меѓутоа, и покрај предизвиците Фидес, партијата на Орбан, и натаму е значително најпопуларната партија во Унгарија. Но појавата на поранешен инсајдер од владата Петер Маѓар, кој гласно го критикува премиерот, внесе одредена неизвесност на изборите. Барем така се надеваат во ЕУ.

„Постојат проблеми во Брисел, големи проблеми. Водството (на ЕУ) потфрли… Доколку во својот мандат сте работеле лошо, ги доведовте своите избирачи во опасност и ако не очекуваат ништо повеќе од вас, ви преостанува само едно нешто – да си ги соберете работите и да си заминете“, изјави Орбан пред своите приврзаници во кусиот 15-минутен говор, со кој ја започна кампањата на Фидес за изборите во Европскиот парламент од 6-ти до 9-ти јуни.

Орбан потсети дека економијата во ЕУ е во пад и ја критикуваше политиката на западните земји бескрајно и на економска штета на своите граѓани воено да ја помагаат Украина во војната со Русија. Унгарскиот премиер предупреди дека би можело да дојде и до поширок судир, доколку ЕУ не го промени пристапот во украинската криза.

Орбан со години е во конфликт со бирократијата во Брисел и западните членки на ЕУ околу повеќе прашања, во прв ред поради ограничувањето на пропагандата на ЛГБТ, владеењето на правото, слободата на медиумите. А Будимпешта најмногу ги предизвика гневот на Брисел со одбивањето да испраќа оружје на Киев со кој има историја на спорови уште од 2014 година кога прозападните украински власти ги укинаа малцинските права, вклучително и унгарското во Украина. Покрај тоа, владата на Орбан не ги прекина економските односи, во прв ред во енергетската сфера, со Русија по почетокот на инвазијата во февруари 2022 година

Унгарија е во спор и со Европската комисија, којашто ја обвинува Будимпешта поради правосудните реформи, а главно поради кастрењето на јавните активности на ЛГБТ заедницата. Тоа резултираше со запирање на милијарди евра од европските фондови, кои сепак делумно беа ослободени во замена за поддршката на Орбан во врска со некои иницијативи на Брисел во поддршката на Украина.

Во петокот, речиси истовремено со обраќањето на Орбан, ново формираното биро за истражување и спречување на странско мешање во унгарските избори отвори истрага против Петар Маѓар поради сомневања дека неговата кампања е финансирана од странство.

Маѓар води кампања главно по селските области во обидот да добие поддршка и се надева дека ќе има полза од економските проблеми на Унгарија и големото разочарување на избирачите од другите опозициски партии кои не успеаја да се претстават како веродостоен предизвикувач на Фидес во текот на изборните циклуси изминатите 14 години.

„Иако политичката и економска заднина е поволна за партијата ТИСА (TISZA) на Маѓар да оствари релативно добри резултати на изборите за Европскиот парламент и на локалните избори, не е ниту близу да го надмине Фидес“, изјави за Reuters Андриус Турса од тинк-тенкот Teneo.

„Владејачката партија во анкетите има 40 до 42 отсто, има стабилна и лојална гласачка база и може да го употреби огромните ресурси на администрацијата во своја полза“, додава Турса.

На почетокот од февруари унгарскиот премиер објави дека по изборите за Европскиот парламент, неговата конзервативна суверенистичка партија Фидес ќе се приклучи на пратеничката група Европски конзервативци и реформисти (ECR), во која е и крајно десната партија Браќа на Италија (FdI) на италијанската премиерка Џорџа Мелони, која според тврдењата од Брисел се смета за клучниот европски челник кој го придобил Орбан да се откаже од ветото за помошта на Европската унија за Украина.

Фидес на Орбан во моментов е неврзан откако тој ја напушти централнодесничарската Европска народна партија (EPP) во 2021 година по неговата суспензија поради наводното поткопување на владеењето на правото во Унгарија, за што Будимпешта поради нејзиниот суверенизам ја обвинуваа бирократските политичари во Брисел.