Самопофалбата на министерот Османи за „личните заслуги за протерувањето странски дипломати“ од Македонија, но пред сѐ со разоткривањето на нивните (според него) активности надвор од Виенската конвенција за дипломатски односи, односно пречекорување на дипломатските ингеренции, ги става во многу интересен контекст токму неговиот делокруг на работа и законските рамки во кои е врамена неговата висока државна функција. Дали личните заслуги што министерот си ги припишува влегуваат во описот на неговото работно место и мандат или тоа го направил во слободно време, како лојален граѓанин или како негово хоби? Дали навистина покрај толку големиот обем на државнички работи, а и партиски обврски, како и предизборни претседателски обврски, тој нашол време да се занимава и со контраразузнавачка работа? Во секој случај, министерот за надворешни работи демонстрира интересен спој на активности, а секако се наметнува прашањето кои од тие активности најквалитетно ги одработува

ПО ИЗЈАВАТА НА МИНИСТЕРОТ ОСМАНИ ДЕКА ЛИЧНО ФАТИЛ СТРАНСКИ ДИПЛОМАТИ КАКО ДИРЕКТНО КОМУНИЦИРААТ СО ЛУЃЕ ВО ВАЖНИ ИНСТИТУЦИИ И ГИ ПРОГЛАСИЛ ЗА ПЕРСОНА НОН ГРАТА

Иако официјалниот почеток на кампањата за избор на претседател на Македонија е приближно за две седмици, некои од претседателските кандидати наоѓаат „алтернативни“ медиумски и географски простори да ги истакнат своите квалитети, понуди и ветувања. Со таква „досетливост“ за заобиколување на роковите и пропозициите одредени од македонската Државна изборна комисија, претседателскиот кандидат на ДУИ и актуелен македонски министер за надворешни работи Бујар Османи сопствените квалитети и досегашни успеси во политичката кариера ги претстави во медиум во соседно Косово. Во тој „надворешнополитички настап“ за својата претседателска кандидатура во Македонија, како еден од своите најголеми успеси во досегашното министерување, Османи наведува протерување на 17 руски дипломати од Амбасадата на Руската Федерација во Скопје. Тој во гостувањето во емисијата на косовската телевизија истакнал дека само во последните две години 17 руски дипломати од Македонија биле прогласени за персона нон грата.
– Знаете ли зошто ги протерав? Затоа што ги фатив како директно комуницираат со луѓе во важни институции – ја образложил Османи својата одлука во гостувањето на емисијата.

Корнети: Имплицирајќи дека самиот дошол до разузнавачки сознанија, врз кои ја донел одлуката за протерување на 17 дипломати, министерот на своевиден начин укажува дека излегол од своите надлежности

Самопофалбата на министерот Османи за „личните заслуги за протерувањето странски дипломати“ од Македонија, но пред сѐ со разоткривањето на нивните (според него) активности надвор од Виенската конвенција за дипломатски односи, односно пречекорување на дипломатските ингеренции, ги става во многу интересен контекст токму неговиот делокруг на работа и законските рамки во кои е врамена неговата висока државна функција.
Дали личните заслуги што министерот си ги препишува влегуваат во описот на неговото работно место и мандат или тоа го направил во слободно време, како лојален граѓанин или како негово хоби? Дали навистина покрај толку големиот обем на државнички работи, а и партиски обврски, како и предизборни претседателски обврски, тој нашол време да се занимава и со контраразузнавачка работа? Во секој случај, министерот за надворешни работи демонстрира интересен спој на свои активности, а секако се наметнува прашањето кои од тие активности најквалитетно ги одработува
Потоа се надоврзува логичниот след на прашања: Врз која основа министерот Османи се смета за стручен да процени дали станува(ло) збор за нормална или чувствителна комуникација? Конечно, дали прогласувањето на дипломатите за персона нон грата се случило врз основа на реални индиции или било со цел на „дипломатско“ флертување и додворување на друг центар на моќ, за да се покаже и докаже поголем „папа од папата“?
– Основната задача на министерот за надворешни работи, како прв дипломат, е да одржува добри односи со сите меѓународни фактори, пред сѐ во интерес на сопствената држава. Дури и да станува збор за докажување на министерот во спроведување на интересите на стратегискиот партнер, тоа не значи дека треба да се прекршуваат општите правила на дипломатијата и да се загрозува безбедноста на сопствената земја. Ако веќе знае како била загрозена безбедноста на земјата од дејствувањето на протераните дипломати, министерот за надворешни работи треба тоа да ѝ го каже првенствено на македонската јавност. И не само тоа, туку принципиелно треба да каже дали и некој друг нѐ загрозува безбедносно, односно дали има и други разузнавачи скриени во други дипломатски претставништва во Македонија. Секако, имплицирајќи дека самиот дошол до разузнавачки сознанија, врз кои ја донел одлуката за протерување на 17 дипломати, министерот за надворешни работи на своевиден начин укажува дека излегол од своите надлежности. Сепак, разузнавачките дејства се во надлежност на други државни институции. Надлежноста на министерот за надворешни работи е да одржува барем коректни (а пожелно е да бидат добри) односи со сите субјекти во меѓународната заедница. И покрај тоа што Македонија не ја одобрува војната, односно воената интервенција на Русија во Украина, одредена комуникација и дипломатски односи треба да се одржуваат. Сепак, станува збор за држава сојузник на Македонија во Втората светска војна, постојана членка на Советот за безбедност во ОН и во перспектива (а и во минатото) економски партнер со голем потенцијал. Самоволното протерување на 17 руски дипломати е недостоинствен начин за удоволување на интересите на стратегискиот партнер – вели поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети.

Политичко и дипломатско незнаење

Особено симптоматичен момент во кампањата на политичар што се кандидира за претседател на Македонија е фокусираноста на создавање анимозитет и директна манифестација на непријателство спрема странски држави, притоа изразувајќи подготвеност за жртвување на македонските национални интереси за одредена геополитичка визија и туѓи цели и интереси.
– Најновата изјава на т.н. министер за надворешни работи на Македонија покажува до каде може да оди човечката глупост. Соседите велат „од што паметниот се срами, некој друг се фали“. Самиот слоган на претседателската кампања на Османи („Да за ЕУ, не за Русија“) покажува политичко и дипломатско незнаење. Интересот на Македонија во никој случај не е конфронтација со Русија или со која било друга европска земја. Македонија мора да ги брани своите интереси, а сведоци сме дека на тој план се прават непростливи грешки, бидејќи интересот на македонскиот народ е доведен до ѕидот. Секојдневно сведочиме дека надворешната политика на државата е бесмислена и не води никаде. Сѐ се зборува за Европската Унија, а земјата нема никакви шанси да стане нејзина членка. Преку погрешната конфронтација со Бугарија, затворени се можностите за приближување со Брисел. Доведени сме во ситуација да имаме понуда за преговарачка рамка, која никогаш нема да нѐ однесе во Европската Унија. Сето тоа е „заслуга“ на т.н. министер за надворешни работи – смета дипломатот Ристо Никовски.