Почна молкот за претседателските избори – гласаат дијаспората, болните и затворениците

од Nikola Popovski

Од синоќа на полноќ започна предизборниот молк пред утрешните седми претседателски избори, што завршува во среда во 19 часот. И покрај молкот за претседателските избори, изборната кампања за парламентарните избори на 8-ми мај, ќе се одвива и нема да биде прекината, но медиумите нема да известуваат за неа.

Граѓаните одлучуваат за еден од седуммината пријавени претседателски кандидати.

За изборите за претседател во избирачкиот список се запишани 1.814.317 избирачи. Во изводите од избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи, додека во странство во ДКП-та или конзуларни канцеларии ќе гласаат 2.569 избирачи.

Гласањето за претседател почна со 191 член на избирачките одбори во саботата кои отпатуваа да го спрповедат гласањето во дијаспората. Во дипломатските претставништва и конзуларни канцеларии денеска од 7 до 19 часот по локално време, врз основа на прифатените 2.571 пријави на наши државјани, гласање треба да се спроведе во Абу Даби каде се пријавени 26 наши државјани за гласање, во Белград-31, Берлин-260, Берн – 186, Бон – 164, Брисел -93, Вашингтон-34, Венеција – 79, Виена – 123, Детроит-34, Загреб-87, Канбера-31, Копехаген-74, Лондон-87, Љубљана-332, Минхен-166, Мелбурн-64, Њујорк-85, Осло-41, Париз-44, Прага-52, Рим-30, Стокхолм-85, Торонто-117, Хаг-65, Чикаго-88, Анкара-18, Варшава-23, Мадрид-18, Пекинг-12 и Софија 22.

Во посебниот извод од избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор, запишани се 2.147 избирачи.

Покрај затворениците и нашинците во странство, во вторник гласаат и болните и изнемоштените, но и две лица сè уште внатрешно раселени.

Првичните информации за изборните резултати од првиот круг претседателски избори, ДИК би требало да ги објави пред полноќ на 24-ти април. Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето трае до 19 часот. Се гласа на 3480 избирачки места во целата земја.

Парламентарните избори ќе се одржат на 8-ми мај, заедно со вториот круг од претседателските.

Слични содржини