Петар Поп-Арсов

Живееме во ера на перцепција. Постојано се трудиме за себе да создадеме перцепција кај другите дека сме убави, паметни, насмеани, нашетани, начитани, па дури најадени и напиени. Такво е времето. Ние сме лидери во светот во оваа област, особено на социјалните мрежи. Нема ништо лошо во тоа… освен кога ќе се претера со разно разни филтри кои ја менуваат реалноста.

Така е и во политиката. Зачестени анкети, испитување на јавното мислење, мерење на рејтинзите на поединци и политичките партии. Тое е веќе класика за периодот пред секои избори во Македонија. И тука сме на светско ниво, особено ако судиме според нашата посветеност кон оваа предизборна активност. Не сакаме никакви изненадувања и неизвесност. Веќе е нормално да ги знаеме резултатите однапред. Наликуваме на млад брачен пар кој со примена на достигнувањата на современата медицина уште во најраната фаза на бременост го дознава полот на сопственото бебе, две, три или повеќе како во некои случаи.

Ништо не е поразлично и со нашиве политички анкети. Моќта на „ултразвукот“ на анкетите уште во рана фаза може да го детерминира полот на победникот, односно дали ќе биде жена или маж. Може да ја проектира и бројката на освоени пратенички мандати, а со тоа и идната власт во државата. Навистина интересна алатка која во втор план ја става и потиснува директната комуникација меѓу луѓето, размената на мислења, информации, меѓусебното убедување, озборувањето, фалењето и критикувањето. Веќе нема смисла да се расправаме и убедуваме за политиката на родендени, слави и други семејни собири кое што во минатото беше национален спорт во Македонија.

Дали е добро или лошо, нормално или ненормално, тоа е сосема друго прашање чиј што одговор не е приоритет на овој текст. Нас нѐ интересираат анкетите и влијанието кое што тие го имаат врз севкупниот изборен процес, особено врз профилирањето на мислењето на одредена група на граѓани.

Начинот според кој се определуваат граѓаните на изборите може да го поделиме во неколку групи. Не дека не постојат и други облици и модели според кои граѓаните се определуваат на изборите, но нас нѐ интересираат оние најкарактеристичните кои ќе не доведат до групата која што е предмет на инетерес на овој текст.

Во првата група може да ги ставиме оние граѓани кои цврсто ја поддржуваат сопствената политичка опција со која се идентификуваат. Тие безрезервно стојат зад партијата и во добро и во лошо. Нив не ги интересира ниту политичката, ниту кадровската понуда. Независно од тоа дали во основата на ваквата фанатична поддршка стои идеологијата, личната и семејната традиција, идентификацијата со конкретната политичка опција, чувството за припадност и верност кон клубот за кој што навивам или пак е нешто сосема десетто, може слободно да кажеме дека оваа група претставува база врз која се гради и надополнува вкупната поддршка која што ја има една политичка опција.

Втората група, која произлегува од првата, се луѓе кои што во основа се поддржувачи на политичката опција со која се идентификуваат, но сепак внимателно ја следат нивната политичка и кадровска понуда. Тие се оние граѓани кои даваат силна поддршка на партијата за која што гласаат во случај кога им се погодени споменатите параметри. Но, во случај да се незадоволни од политиките и кадрите на партијата за која што гласаат, во таков случај тие повеќе се подготвени за апстиненција отколку да ја поддржат спротивната опција или некои трети алтернативни опции.

Во третата група би можеле да ги сместиме оние кои секогаш гласаат против. Немаат некои посебни афинитети кон никого, но во принцип секогаш го поддржуваат оној кој искреирал перцепција дека е најмногу против политичката опција која и оди на нерви на оваа група на гласачи. Од оваа група на гласачи не може да се очекуваат рационални одлуки или поддршка за конкретни политики кои се нудат како опција за подобар просперитет на државата. Тие едноставно функционираат и се определуваат врз база на антагонизам и се подготвени да гласаат дури и за политичка опција кој нема ништо во својата понуда, освен критики кон политичките противници.

Четвртата група се оние кои што се позиционирани во центарот. Некои навистина веруваат и се надеваат дека постои можност за создавање на сериозна политичка структура во центарот како трета или алтернативна опција на двете доминантни политички опции во Македонија. Други пак едноставо се плашат да зачекорат во подлабоките политички води и едноставно се држат во средината како некој вид комфорна зона во која ризиците кои што постојат се најмали.

Петтата може да ја дефинираме како група на неопределените. Овие граѓани навистина себе си се доживуваат како неопределени. Тие внимателно ја следат политичката и кадровската понуда. Тие ја ценат работата на досегашната власт и прават проценка за работата на идната. Овие луѓе не се оптеретени со чувство на обврска кон некоја од политичките опции ниту пак со чувството на обврска кон самите себе заради некаков континуитет или традиција во гласањето. Едноставно гласаат за оној кој што сметаат дека е подобар или во најмала рака дека е помалку лош. Ова е групата која што е „најскапа“ и која што најтешко се придобива. За да се добие поддршката на овие луѓе треба да се испорачаат конкретни резултати или да се има конкретна понуда. Политичката опција која што успеала да ја придобие оваа група на граѓани на своја страна, независно од тоа колкава е нејзината процентуална застапеност во однос на останатите групи, е сигурен победник на изборите.

Конечно доаѓаме до групата која што е инспирација за текстот на оваа колумна. Групата на граѓани која што е таргет во овој период на пред кампања. Луѓето кои што секогаш го поддржуваат победникот. Да, тие се тука меѓу нас, дел од нас, наши пријатели, другари, роднини. Тие не се неопределени. Тие секогаш се определени и секогаш стојат на една страна, на страната на победникот. Овие граѓани се најопределената од сите определени групи на гласачи во македонското општество која никогаш не ја менува страната, страната на победникот.

Тоа е исклучително растеглива група во која на исто место може да ги сместиме оние најзагрозените со оние најбогатите. Во оваа група за жал спаѓаат луѓето кои што се борат за егзистенција на дневна основа и чиј што опстанок зависи од помошта, вработувањето или било каква поддршка која доаѓа од институциите и структурите на власта. Едноставно немаат избор. Но, тука се и оние кои постојано се борат и очекуваат да искористат и добијат дополнителни привилегии од секоја власт. Тие луѓе постојат, без разлика дали се позиционирани во рамки на државната администрација или во рамки на приватниот бизнис кој што има релација со институциите на власта. Себе си секогаш се претставуваат како „професионалци“, „експерти“ и оние кои заслужуваат да ја добијат наклонетоста од секоја власт. На останатите гледаат како на партиски вработувања или политички наметнати кадри кои им се мешаат во „бизнисот“, иако и самите во еден момент влегле во игра преку партиските механизми.

Тука се и најбогатите, оние кои работат со државни тендери и чии што бизниси буквално се закачени на државниот буџет. Информацијата за тоа кој ќе биде победникот на изборите за овие луѓе е прашање на живот или смрт. Тие се исклучително зависни од тоа дали ќе бидат блиски до власта, особено со извршната и судската кои во Македонија се реални власти, за разлика од законодавната.

Поставеноста и функционирањето на македонското општество во толкава мера е изместено од нормалниот колосек што е сосема природно постоењето на оваа група на граѓани и гласачи. Тие едноставно постојат и се реалност. Некои оправдано заради основни потреби, некои неоправдано заради добивање на „леб преку погача“. Но, сепак се тука! Секоја власт преку својот начин на работење може дополнително да го стимулира зголемувањето на оваа група, особено ако работењето е неуспешно и штетно како во случај на актуелната владејачка гарнитура.

Од тие причини може да кажеме дека во моментиве на предкампања е сосема разбирлива тенденцијата на политичките партии да создадат перцепција за себе дека се победници на претстојните избори. Сосема е разбирливо ползувањето на алатката наречена анкета и испитување на јавното мнение. Тоа е легитимен пристап за привлекување на одредена целна група чии што гласови можат да создат дополнителна вредност и разлика во гласови во полза на едната или другата страна.

По се изгледа дека перцепцијата за тоа кој ќе биде победникот ќе има свое значајно место во вкупниот изборен резултат. Ултразвучната метода на откривање на полот на бебето во голема мера ќе влијае на тоа каква ќе биде бојата на првите алишта на новороденчето, црвена или сина. Слично е и во македонската политика. Како што гледаме ултразвукот на македонските анкети говори дека бојата на победникот ќе биде црвена, онака како што прилега за една жена.

Нека е среќен 8 Март!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.