Белград вечерва ги пречека студентите од другите градови на „Теразија“ во центарот на градот пред утрешниот голем студентски и граѓански протест против владата на Александар Вучиќ, кого студентите го обвинуваат за неисполнети барања што ги поставија на крајот на минатата година, откако се урна настрешница во Нови Сад, при што животот го загубија 15 лица.
Вечерва голем број на студенти и граѓани се собраа на белградските улици за да ги пречекаат оние кои вечерва пристигнуваат од другите градови во Србија на протестот.
„Студентите од каде и да пристигнат, предизвикуваа искрени емоции кај другите горди колеги и граѓани кои нестрпеливо ги чекаат. Прекрасно е како граѓаните ги пречекуваат студентите, тоа покажува колку на луѓето им е потребна промената што ја носат студентите“, изјави за „Н1“ студентката Емилија Шуковиќ од Стоматолошкиот факултет.
Собраните студенти креваа врева со свирежи и вувузели и извикуваа „пумпај“, што стана слоган на протестот.
По велосипедистите беа пречекани и студентите кои пешачеа од Ниш до Белград.
Пешаците носеа бројни транспаренти, знамиња на нивните факултети, како и знаме на Србија.
Студентите од Факултетот за музичка уметност ја пееја српската химна и студентската химна, по што поминаа група студенти кои пеш дојдоа во Белград од Вршац, како и пешаци од Нови Сад.
Илјадници студенти неделава се упатија од различни делови на Србија кон Белград на протестот најавен за 15 март, кој, како што најавија студентите кои го блокираат белградскиот универзитет, ќе започне во 16 часот пред парламентот.
По уривањето на настрешница во Нови Сад на 1 ноември, при што загинаа 15 лица, во последните месеци низ Србија започна бран масовни протести, предводени од „студенти во блокада“ барајќи одговорност од одговорните и одговорна работа од институциите.
„Студентите во блокади“ досега организираа неколку протести во најголемите градови во Србија.