„Зборообразување – нови димензии на македонскиот јазик“ – панел-дискусија на 2 април

На 2 април (вторник) ќе се одржи панел-дискусија каде ќе се истражува процесот на зборообразување, како главен начин преку кој креативно може да се збогати јазикот.

Настанот ќе започне во 18 часот во Музејот на македонската борба и самостојност.

„Ќе отвориме дискусија, ќе се запознаеме со теоретскиот и практичниот дел од процесот на создавање нови зборови и ќе го поставиме прашањето дали сме доволно продуктивни во негувањето и развојот на нашиот јазик“, се посочува во најавата на Фејсбук.

Говорници на настанот ќе бидат Славица Велева, професорка по предметот ,,Зборообразување” на Филолошкиот факултет при УКИМ, авторката Фросина Пармаковска, професорката Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ при УКИМ и научната соработничка Тамара Ќупева од Институтот за македонска литература при УКИМ.

Тие, како што се посочува ќе ги споделат своите истражувања, искуства и размислувања за значењето и влијанието на зборообразувањето како алатка за развој на македонскиот јазик.

„Преку дискусијата, ќе разгледаме дали постојат аспекти кои бараат освежување или модернизација во согласност со современите теченија. Дискусијата се надеваме ќе не наведе кон размислување за зборовите кои се сметаат за дел од македонската јазична средина, а сепак не се официјално признати во речниците, истражувајќи ги нивните корени и значење. Покрај тоа, ќе разгледаме од каде произлегува потребата за нови зборови и зошто оваа потреба е клучна за еволуцијата на јазикот. Дали технолошкиот напредок, социокултурните промени или нешто трето е тоа што го принудува јазикот како жива материја да расте и да се развива? Но, битно е и да ги поставиме и личните прашања – Колкава е нашата улога во активното обликување на јазикот и дали сме мрзливи во употребата и развојот на македонскиот јазик или пак нашата креативност цвета на друг јазичен терен? На настанот ќе разговараме за овие прашања и ќе бараме начини како активно да придонесеме за збогатувањето на нашиот јазик“, се додава во најавата за настанот.

Влезот на настанот е бесплатен.