Top Sport

Баерн е во завршни преговори со Рагник

Претседателот на фудбалскиот клуб Баерн, Херберт Хајнер изјави дека клубот ги финализира преговорите со Ралф Рангник, кој од следната сезона треба да биде тренер на тимот од Минхен, пренесуваат германските медиуми.

Тренерот на Баерн, Томас Тухел ќе го напушти клубот од Минхен по крајот на сезоната. Рангник, кој моментално е селектор на австриската репрезентација, неодамна потврди дека преговара со тимот од Минхен.

„Рангник е извонреден познавач на фудбалската сцена. Тој има исклучителни вештини за развој на играчи и тимови. Сè што слушнав за австриската репрезентација под негово водство е многу, многу позитивно. Разговорите со него одат во вистинска насока. Ако дојде, тоа ќе биде многу добро решение за нас“, изјави Херберт за „Скај Спортс Германија“.

Германските медиуми тврдат дека Баерн до крајот на неделата би можел да објави дека Рагник ќе го преземе клубот.

„Се надевам дека нема да чекаме предолго. Ќе видиме кога ќе го објавиме конечниот резултат. Брзо ќе дознаеме во кој правец ќе одиме“, изјави Хајнер.

Фудбалерите на Баерн синоќа одиграа во Минхен со Реал без победник, 2:2 во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите. Реваншот е закажан за следната среда во Мадрид.

Рангник ја презеде австриската репрезентација во 2022 година, а претходно меѓу другите беше тренер на Манчестер Јунајтед, Лајпциг, Шалке, Хофенхајм, Хановер и Штутгарт. Тој има договор со Фудбалскиот сојуз на Австрија до јуни 2026 година.

Scroll to Top