АКО МИСЛЕВТЕ ДЕКА ПРОЛЕТТА Е НА ПРАГОТ: Пристигнува студен бран од север

13047
Фото: unsplash

Продолжува периодот на променливо време во Македонија и со сончеви периоди. Денес попладне ќе има појава на локален дожд и услови за појава на ретки грмежи, а особено Долж Повардарието ќе засилува ветерот од северен правец.

Температурата ќе се искачува во интервалот од 8 до 16 степени. Потоа нови локални врнежи од дожд ќе има во вторник, особено претпладне. Поради спуштање на постуден воздух од север, во вторник во текот на денот ќе започне да дува засилен ветер од северен правец (повремено и локално со брзина од над 60 км/час) и истиот ќе продолжи да дува и во текот на ноќта кон среда, пишува Славчо Попоски.

Токму поради ова на планините со надморска височина од над 1400 – 1500 метри ќе има слаби врнежи од снег. Поради разведрувањето, во среда утрото ќе биде значително постудено и на повеќе места температурите ќе се спуштат под нулата, со што ќе има појава на слаб до умерен, а на планинските места и умерен мраз.

Во среда наутро температурите ќе се спуштаат во интервалот помеѓу -4 и 4 степени, а на планинските места тие ќе се спуштат и под -5 степени. Токму поради ова, на земјоделците и на овоштарите ги советуваме со време да ги заштитат своите земјоделски култури и овошките од очекуваната појава на утрински мраз во среда.

И според Управата за хидрометеоролошки работи во вторник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Ќе дува умерен, долж Повардарието засилен северен ветер. Од среда следува период на стабилно време со ниски утрински температури, наместа негативни, а дневните ќе бидат во постепен пораст.