Македонија
Тим на ВМРО-ДПМНЕ се сретна со поранешни амбасадори, презентирана платформа 1198 и побарана поддршка
Тим на ВМРО-ДПМНЕ предводен од Тимчо Муцунски се сретна со поранешни амбасадори, пришто беше презентирана платформата 1198 и побарана поддршка.
Пратеничката Иванка Василевска член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, соопшти дека таа, Муцунски, меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и заменик министер за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски и меѓународниот секретар на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Тодор Конески се сретнале со поранешните амбасадори и конзули Н.Е. Василка Треневска, Томи Димитровски, Веле Трпевски, Оливер Шамбевски и Драган Ѓурковски.
„Во разговорот им ја претставивме нашата визија преточена во #платформа1198 и побаравме поддршка за следните активности на полето на дипломатијата и меѓународните односи.
Помеѓу другото се заложивме дека клучна стратегиска цел на идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е Македонија да биде полноправна членка на Европската Унија. Исто така, заклучивме дека нашите надворешно-политички приоритети треба да се засноваат врз принципите на рамноправност, заемна доверба, солидарност, дијалог, меѓусебно почитување и реципроцитет. Нашиот интерес е да градиме национално единство по клучните прашања“, објави Василевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.