„Влезот во ЕУ од политичка амбиција до геостратешка неопходност?“ е првиот панел од конференцијата „Интензивирана соработка: Обновениот Берлински процес и иднината на регионалната соработка во Југоисточна Европа“ што денеска се одржува во Скопје, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт и Амбсадата на Сојузна Република Германија во Македонија.

Потпретседателката на ПЕС и поранешна министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, изјави дека задача на европските лидери е да се борат за ставот дека Европската Унија мора биде поголем и посилен геополитички актер особено во својата околина.

„За да може да бидете геополитички актер мора да бидете актер на којшто му се верува или барем да му веруваат сојузниците. За тоа зборот треба да има свое значење. И во принцип, прашањето кое што си го поставуваме е дали проширувањето во свет на овие настани може да ги трансформира нашите општества, дали има се уште капацитети за трансформација, дали веќе јавноста има доверба. 2030 година мора да биде наш таргет датум, но во исто време тој треба да се комуницира со ЕУ во исто време треба да зборуваме во еден глас, треба да кажеме дека нема веќе ниту една причина било која земја да биде надвор од кандидатскиот статус. Прашањето на проширување мора да стане прашање на геополитика, на безбедност и од страна на Европската Унија. Прашањето за билатералните спорови кои го блокираат процесот на проширување мора да се пресече од страна Европската Унија. Или треба да се најде начин тие да се елиминираат во процесот иако е тоа невозможно, ЕУ мора исто така да седне на маса. Потсетувањето на фундаменталните права дека тие се реално клучната карика во процесот на проширување тие мора да бидат и наш интерес“, посочи Шекеринска.