Првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во писмото објавено од партијата Десна на Фејсбук, го обвинува министертот за правда Кренар Лога за крешење на закон, меѓународни конвенции и билатерален договор со Турција во врска со неговата екстрадиција
Еден ден по информацијата дека турските власти дале дозвола за екстрадиција на Љупчо Палевски-Палчо во земјава, политичката партија Десна на социјалните мрежи објави писмо за кое се тврди дека било упатено од Палевски до министерот за правда Кренар Лога.
Писмото, за кое не може независно да се потврди дека е напишано од првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, наводно е напишано на 29 април.
Следниот ден, како што тврдат од Десна, тоа е испратено до министерот за правда Лога преку службената имејл-адреса на Министерството.
Покрај транскриптот на содржината на писмото, на фејсбук-профилот на партијата се споделени и фотографии од наводно оригиналниот допис од Палевски напишан на рака од затворот во градот Баликесир во Турција, каде што беше уапсен и каде чека да биде екстрадиран во земјава.
Во писмото Палевски го обвинува министерот за правда дека неговата екстрадиција била намерно одолговлекувана за да се држи, како што вели, далеку од Македонија за време на изборите.
Палевски тврди дека уште следниот ден по неговото апсење во Баликесир на 5 декември лани, пред надлежниот суд се изјаснил дека сака да биде екстрадиран по брза постапка. Истото, вели, го потврдил и на сослушување пред повисок суд на 23 декември.
„Со ова претходно пишано значи дека Судот во Баликесир во три недели ја заврши целата постапка ‘On consent’, а од 17 јануари 2024 година, предметот се наоѓа на маса кај вашиот колега, министер за правда на Р. Турција, во Анкара“,
се наведува во писмото наводно напишано од Палевски, а упатено до министерот за правда Лога.
На крајот од дописот, тој го обвинува Лога дека не направил ништо за да биде изведен пред органите на прогонот во земјава и дека тоа наводно било партиско барање и задача на „вашиот коалициски партнер“, чие име не го наведува, за да го држат далеку од Македонија за време на изборите.
„Од 7 декември 2023 година до денес изминаа пет месеци, а вие како министер не сте направиле ништо за да бидам изведен пред органите на прогонот (ОЈО) за да можам активно да се бранам, тоа е моето неприкосновено право од закон произлезено!
Партиското барање и задача од Вашиот коалциски партнер да ме држите далеку од Македонија за време на изборите, најблаго кажано е Европско ’прогресивно’ лицемерие, но и кршење на Закон и мои елементарни човекови права!
Воопшто не се битни вашите изјави и скапи оделца за селобери пред канта тропа медиумите во оваа политичка провинција Македонија.
Ако нема кој да ви каже, еве јас јавно ви кажувам: Чоече кршиш меѓународно право и купишта конвенции и билатерален договор со Р. Турција. Многу е едноставно, просто, дури и IQ50, дури и Хомо Али ова го разбира“,
се наведува во наводното писмо на Палевски до Лога.
Инаку, министерот за правда на 30 април информира дека со официјална информација од Република Турција добиле одобрение за екстрадиција на Палевски.
„Позитивниот исход на постапката произлегува после сите максимално преземени мерки и активности од делокругот на надлежности на Министерството за правда“,
соопшти Лога во вторникот.
Кратко по неговата објава и од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија соопштија дека се известени за дозволата за екстрадиција и дека за нејзино спроведување е задолжено Министерството за внатрешни работи.
Од Обвинителството соопштија и дека Палевски ќе биде веднаш спроведен во притвор откако ќе биде испорачан во земјава.
Покрај Палевски, за случајот се осомничени и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се товарат за по две кривични дела – убиство и грабнување.
Во случајот осомничено е уште едно лице, Стефан Димовски, кој се товари за кривичното дело помагање сторител по извршено кривично дело бидејќи го возел Палевски од Србија, преку Бугарија до Турција. Нему на 12 март му беше укинат притворот бидејќи, како што образложија тогаш од Обвинителството, поради видот на кривичното дело и предвидената казна, не постои законска можност тој и понатаму да ја издржува оваа мерка за обезбедување присуство.
Меѓу осомничените е и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, кој по неколку месеци поминати во затворот во Шутка од неодамна се наоѓа во куќен притвор откако Врховниот суд му ја уважи жалбата.
Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.