• недела, 28 април 2024

Инспекторите на патен сообраќај од Куманово ги проверуваат превозниците по реакции на граѓани

Инспекторите на патен сообраќај од Куманово ги проверуваат превозниците по реакции на граѓани

Куманово, 27 март 2024 (МИА) - Инспекторите за патен сообраќај од општина Куманово редовно вршат контроли на превозниците, информираа денеска од Општина Куманово. Оттаму велат дека реагираат веднаш по пријави на граѓани.

Кумановци се жалат дека на одредени линии има голем број патници, особено во клучни тремини. Дел од граѓаните, пак, реагираат дека одредени категории граѓани ја злоупотребуваат мерката и бараат од превозниците, учениците да имаат предност при користење на превозот во термините кога почнува првата и втората смена во средните и основните училишта од градот.

- Инспектор за патен сообраќај при Општина Куманово врши контрола на јавен градски превоз и притоа бара техничко-експлоатациони услови од превозниците и од истите ги има добиено за секое превозно средство. Имаме информација дека седиштата кои биле предмет на вандализам се санирани од страна на превозниците, информираа денеска од Секторот за инспекциски надзор од општината.

Во градот функционираат 25 линии. Кумановци имаат право да го користат превозот до јуни годинава, согласно последната одлука на Советот донесена во декември лани. Од општинскиот буџет за оваа намена одвоени беа 30 милиони денари или над 486.200.31 евра, скоро половина милион евра.Со последната одлука беа воведени две нови стојалишта, а беа определени три милиони денари (48.620 илјади евра) за превоз помеѓу општините Куманово и Старо Нагоричане.

Опозицијата во Советот реагираше и бараше да се смени одлуката и превозот да оди согласно купен билет, а не по изминат километар, на кои општината им исплаќа по 40 денари.

Дел од кумановци сметаат дека проектот е и во интерес исклучиво на жителите од приградските населби. Кумановци реагираа за одлуката, укажувајќи дека е потребно општината да формира претпријатие за вршење на дејноста.

Од Општината наведуваат дека на овој начин се ублажува економската криза за сите учесници во општинскиот линиски превоз и произлегле повеќе бенефити, како што е подобрување на семејниот буџет на кумановци, намалување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје. Првата одлука за функционирање на бесплатен автобуски превоз беше донесена во декември 2022 со почеток на функционирање од 1. јануари 2023. Во неколку наврати беа донесена измени и дополнувања на одлуката. ам/мд/

Фото: МИА и Општина Куманово архива

 

 

Остани поврзан