„НЕМА СТРУЈА, НЕМА ХРАНА, СЕ Е ОДНЕСЕНО“: Српски туристи заробени во Грција сведочат за невремето

1619
EPA-EFE/YANNIS KOLESIDIS

Невремето и поплавте во кои загинаа најмалку пет лица ги погодија Грција, Турција и Бугарија. Надлежните ги предупредуваат граѓаните да избегнуваат патувања, бидејќи лошото време ќе трае до четврток, а многу туристи од Србија се заробени на подрачјето на Волос и Пилион.

Поради невремето најтешка е состојбата во Тесалија и олимпискиот регион. Постар маж е пронајден мртов, а во Волос поплавени се стотици куќи и патишта. Во некои области врнеше дожд колку што обично паѓа цела година.

Нема струја, а стотици луѓе се заробени во своите автомобили. Во погодените подрачја институциите и училиштата не работат. Обилните врнежи предизвикаа проблеми во Солун, Лариса и Скијатос.

Српски туристи од Ниш се заробени на 60 километри од Волос.

– Поројот однесе се. Нема струја, нема храна. Овде сме без автомобил, во сиромашен кварт, нема продавница, ништо не постои, се е однесено од водата. Чекаме некој да не контактира за некако да се евакуираме – изјави Владимир Стефановиќ од Ниш.

Одложени летови Белград-Скијатос

„Најнепријатно беше за групата која требаше да се врати со авион, која требаше да ги напушти собите во утринските часови. До доцна попладне немавме информација дали ќе полетаме, во тој авион бев и јас. Главната причина што не полетавме беше што патиштата беа затворени – вели српски турист кој се наоѓа на островот Скијатос.

Во Бугарија, во регионот на Црното Море, две лица загинаа, а три се водат за исчезнати. Повеќе од 100 луѓе беа евакуирани. Поплави има и во Турција. Две лица го загубија животот, а четири исчезнаа. Потоците се излеаа, куќите беа поплавени, а патиштата беа оштетени.