Најстариот активен фудбалски клуб во Македонија денеска слави 105-ти роденден!

Фудбалскиот клуб Љуботен денеска одбележува 105 години од своето формирање. Сините од Тетово се најстариот активен фудбалски клуб во Македонија. Клубот објави и соопштение по повод роденденот.

„ЗА ФК ЉУБОТЕН НЕ СЕ НАВИВА – ФК ЉУБОТЕН СЕ САКА!

ФК ЉУБОТЕН 1919 Тетово е дел историјата на моето, на твоето и на сите тетовски и македонски семејства. ФК ЉУБОТЕН е неизбришлив дел и жив сведок на македонската историја. ФК ЉУБОТЕН е симбол на градењето на спортскиот дух на младите генерации тетовчани и Македонци. И не само на Македонците, ФК ЉУБОТЕН е симбол на заедништвото кое преку спортот се градеше во Тетово и Македонија. Многу македонски, турски, албански, српски, ромски, бошњачки и влашки срца чукаа и се уште чукаат за ФК ЉУБОТЕН Тетово. Во ФК ЉУБОТЕН никогаш не се делеле луѓето по верска и национална основа. Сите Љуботенци имаат само една вера: ФК ЉУБОТЕН и една нација: СИНАТА БОЈА. Сината боја како симбол на синото небо над врвот Љуботен. Сината боја како симбол на ИСТОТО НЕБО ПОД КОЕ ЖИВЕЕМЕ ЗАЕДНО. Сината боја како симбол на младоста, на непокорот и на спортскиот дух.

Пролетта 1919 година првата повоена (од Првата Светска војна) генерација на тетовските гимназијалци Јован Марковски (прв претседател на клубот), Стевица Бошњаковски, Никола Павловски-Бутика, Симо Момировски, Заре Заковски, Момчило Ќириќ, Саша Поповски, Миле Захариевски, Стеван Јовановски, Александар-Цане Поповски и Крсто Димитриевиќ го формираа ФК ЉУБОТЕН. И оттогаш клубот непрекинато опстојува до денешен ден, полни 105 години ..

ФК ЉУБОТЕН Тетово за овие 105 години воспита многу генерации спортисти. Многумина од нив ја пронесоа славата на ФК ЉУБОТЕН, Тетово и Македонија играјќи за фудбалската репрезентација на Македонија, за најдобрите македонски и за бројни странски екипи.

ЦЕЛО ТЕТОВО Е ЉУБОТЕН!

ТЕТОВО ОД СРЦЕ ЗА ЉУБОТЕН!

105 ГОДИНИ ФК ЉУБОТЕН

НАПРЕД СИНИ“, порачаа љуботенци.

- Оглас -

Најнови вести