„Божествен“ – концерт на Македонската филхармонија по повод Велигден

По повод најголемиот христијански празник Велигден, Македонската филхармонија го најавува концертот „Божествен“, кој ќе се одржи в четврток на 25 април, со почеток во 20 часот.

Премиерно во Македонија, ќе биде изведено едно од највеличествените дела на шкотскиот композитор Џејмс Мекмилан – „Седумте последни зборови од крстот“. Во вториот дел од програмата ќе биде изведена Симфонијата бр. 4 насловена „Трагична“ од австрискиот композитор Франц Шуберт.


Диригент на концертот „Божествен“ е маестро Конрад ван Алфен од Холандија, чест гостин-диригент со Македонската филхармонија, а заедно со оркестарот ќе настапи хорот „ПроАрс“, подготвен од маестро Сашо Татарчевски.

„Седумте последни зборови од крстот“ е и едно од највпечатливите вокално-инструментални дела од поновото време. Станува збор за нарачка од страна на Би-би-си ТВ и премиерно беше изведено во седум ноќни епизоди за време на Светата недела во 1994 година, од хорот „Капела Нова“ и Шкотскиот ансамбл, под диригенство на маестро Алан Тавенер. Текстот е традиционален и се базира на сите четири евангелија, за да се формира секвенцијална презентација на седумте последни реченици изговорени од Исус. „Седумте последни зборови од крстот“ со право се смета за ремек-дело на Мекмилан, затоа што е мошне комплексно и катарзично.


Австрискиот композитор Франц Шуберт, кој му припаѓа на доцниот класицизам и раниот романтизам зад себе има навистина импресивен опус. За разлика од неговите први три симфонии кои се покласични и лежерни, неговата Четврта „Трагична“, која ја напишал пред своите 20 години, е под влијание на Бетовеновиот опус, и според некои биографи, таа е обид за втора верзија на „Ероика“. Довршена е во 1816, но премиерно била изведена дури на 19 ноември 1849 во Лајпциг, две децении по смртта на авторот.

Маестро Конрад ван Алфен е „инспиративен диригент што прави нештата да се случуваат“, ќе напише критиката за овој етаблиран холандски/јужноафрикански диригент кој се стекна со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигна својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертнисерии во Ротердам, Хаг и Амстердам.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес се сеќаваме на нашиот фолк пејач Ѓоко Дончев

Ѓоко Дончев е роден на 2 мај 1949 година во Валандово. Тој беше истакнат македонски …