Преговори на повидок? Делегацијата на Хамас се согласи на средба со посредници

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Делегација на Хамас ќе го посети Каиро во понеделник на разговори за обезбедување прекин на огнот, изјави претставник на Хамас за Ројтерс во неделата, додека посредниците ги засилуваат напорите за постигнување договор пред израелскиот напад врз јужниот град Рафах.

Официјалниот претставник, кој сакаше да остане анонимен, рече дека членовите на делегацијата ќе разговараат за предлогот за прекин на огнот што Хамас го предложи до посредниците Катар и Египет, како и за одговорот на Израел, но не откри детали за последните предлози.

Според израелските податоци, во војната, која сега е во седми месец, а започна со нападот на милитантите на Хамас врз Израел на 7 октомври, загинале 1.200 луѓе, а биле земени 253 заложници.

Израел вети дека ќе го искорени Хамас, кој ја контролира Газа. Во израелската воена операција загинаа над 34.000 Палестинци, од кои 66 во последните 24 часа, покажуваат податоците на здравствените власти во Газа. Поради војната, мнозинството од 2,3 милиони население беше раселено и голем дел од таа густо населена енклава беше уништена.

Во петокот, високиот функционер на Хамас, Калил Ал-Хаџа рече дека групата го добила одговорот на Израел на нивниот предлог за прекин на огнот и го проучувала пред да го пренесе својот одговор на египетските и катарските посредници.

Во претходните рунди преговори не успеаја да ги премостат разликите во позициите на двете страни. Хамас сака договор за траен крај на војната и бара Израел да ги повлече своите сили од Појасот Газа.

Израел нуди само привремен прекин на огнот за ослободување на околу 130 заложници кои остануваат во заробеништво и за да се дозволи испорака на повеќе хуманитарна помош. Израелската страна јасно стави до знаење дека нема намера да ги прекине своите операции додека не ја постигне зацртаната цел, а тоа е уништување на Хамас.

Шефот на израелската дипломатија во саботата изјави дека планираниот упад во Рафах, каде во моментов се наоѓаат повеќе од милион раселени Палестинци, може да биде запрен доколку се постигне договор за ослободување на израелските заложници.

Екстремно десничарскиот министер за финансии Безалел Смотрич во неделата го повика Нетанјаху да не се повлече од нападот на Рафах, велејќи дека согласувањето со предлозите на Египет би било понижувачко.

Во видео изјавата за новинарите во која се обраќа на Нетанјаху, Смотрич рече дека „владата на чело со Нетанјаху нема да има право да постои доколку Хамас не биде искорен“. Смотрич не е член на воениот кабинет на Нетанјаху и не е познато дали ги има деталите за египетскиот предлог.

Западните земји, вклучително и најблискиот сојузник на Израел, САД, го повикаа Израел да се воздржи од напад на пограничниот град поради стравувањата од можни цивилни жртви.

Во говорот во неделата на Светскиот економски форум во саудискиот главен град Ријад, палестинскиот претседател Махмуд Абас рече дека само Соединетите Држави можат да го спречат Израел да го нападне Рафах.

Тој исто така рече дека очекува напад на Рафа во наредните денови и дека дури и „помал напад“ врз Рафах ќе го принуди палестинското население да го напушти Појасот Газа. Тој смета дека во тој случај би се случила најголемата катастрофа во историјата на палестинскиот народ.