Македонија
(Видео) Мицкоски: Постојниот простор на СВР Охрид ќе се стави во функција на градот, надземно ќе биде убав парк, а подземно катна гаража
„Денеска на покана на министерот и градоначалникот сум во Охрид, да дадам и јас лично поддршка на проектот кој тие двајца го најавија дека тоа ќе биде еден од приоритетите на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија. Станува збор за простор на СВР Охрид кој ќе се стави во функција на општина Охрид или ќе биде надземно убав парк, а подземно катна гаража“, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ценам дека треба да се слушаат потребите на граѓаните, треба да се слушаат потребите на тие кои се избрани од граѓаните.
Ценам дека на овој начин ќе се овозможи еден поголем комфор во рамките на градското централно подрачје во Охрид во оној дел каде што е туристичка зона и ценам дека како држава треба да поддржуваме проекти кои ќе значат додадена вредност за средините во кои се прават. Еден од тие проекти е овој овдека.
Така што уште еднаш од мене голема благодарност и до министерот и до градоначалникот на поканата. Очекувам вакви и слични проекти и во иднина во други области во Македонија“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).
Македонија
Сиљановска Давкова – Павловски: Максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова остварила средба со Крис Павловски, директор на водечката светска компанија за дигитални платформи Рамбл, кој е во посета на земјата во рамките на конференцијата Македонија 2025.
На средбата, како што соопшти претседателскиот кабинет, Павловски ја претставил работата на Рамбл, компанија која котира на индексот Наздак на берзата во Њујорк, со нејзината етаблирана видео платформа и е во подем во дејноста на развојот на дигиталната инфраструктура и клауд услугите.
Како водечки претприемач со македонско потекло, Павловски изнел мислења за состојбата во дигиталниот сектор, за трендовите и перспективите кои може да се искористат.
Претседателката Сиљановска Давкова го информирала Павловски за нејзината иницијатива за развивање на соработката со македонската дијаспора, со цел максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава.
Македонија
Кадровски промени на Водно, правникот Божинов и новинарот Момировски ќе раководат со претседателскиот кабинет
Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, пратник кој работел во Министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.
Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател Стево Пендаровски.
Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.
Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.