Од партијата посочија дека оваа одлука не е изолиран случај, туку е дел од серија активности што ги поткопуваат темелите на мултиетничкиот и мултирелигискиот соживот во државата
Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Исламската верска заедница (ДУИ) изразуваат загриженост за одлуката за отворање на Музејот на христијанското и исламското културно наследство во битолската Јени џамија, која по долги години ископувања и реставрирања, од вчера повторно е во употреба. Џамијата датира од 16. век, а археолошките ископувања покажаа дека во нејзините темели се наоѓа некогашната катедрална црква во Битола „Свети Ѓорѓи“, но и христијанска некропола. При вчерашното отворање на Музејот, објектот беше најавен како симбол на соживотот во Битола.

Од ДУИ велат дека со овој чин се занемаруваат верските и историските чувства на една важна заедница во државата, како и дека на овој начин се продолжува логиката на еднострани одлуки, што е показател на институционална, етничка и верска деградација, а со која се карактеризира оваа влада.
„Категорично го осудуваме овој неодговорен пристап, кој ги продлабочува меѓуверските и меѓуетничките поделби во нашето општество. Во земја, како Се вена Македонија, каде меѓуетничкиот и мултирелигискиот соживот се едни од темелните вредности на државата, ваквата одлука е сериозен удар врз толеранцијата и почитувањето на соживотот што со години е граден“,
пишува во соопштението од ДУИ.

Оттаму бараат почитување на културното и верското наследство на секоја заедница во државата, а со тоа и итно прекинување на политичките поделби.
„Одлуките што ги занемаруваат верските и етнички чувства се неприфатливи и немаат место во една демократска и мултиетничка држава. Владата мора одговорно да постапува со цел нејзините одлуки да ги рефлектираат потребите и чувствата на сите заедници на правичен и седмаков начин. Јасно ставаме до знаење дека оваа одлука не е изолиран случај, туку е дел од серија активности што ги поткопуваат темелите на мултиетничкиот и мултирелигискиот соживот во државата“,
велат од ДУИ.
Ги повикуваат сите вклучени институции да постапуваат одговорно и да ја преиспитаат одлуката, со цел да се зачува и промовира хармонијата меѓу заедниците зашто политиките на деградација не придонесуваат за европска иднина на државата.
Од Исламската верска заедница (ИВЗ) посочија дека не се консултиурани за пренамената на Јени џамијата во музејски простор, па во таа насока испратија и реакција до премиерот, министерот за култура и дипломатските претставништва во земјава, во која изразуваат загриженост за отворањето на Јени џамија како Музеј на христијанско и исламско наследство.

Без согласност на ИВЗ, велат дека Заводот и музеј во Битола ја трансформира во Музеј на христијанско и исламско наследство.
Според ИВЗ, неприфатливо е тоа што не се консултирани за оваа иницијатива ниту, пак, е побарана согласност за трансформацијата на џамијата.
Ги повикаа надлежните органи да ја заштитат Јени џамија како исламски верски објект и значителна културна вредност.
„Ние како претставници на муслиманските верници остро се спротивставуваме на оваа иницијатива Јени џамија да се претвори во ‘музеј’ и повикуваме на итен прекин на сите активности поврзани со овој процес. Ги повикуваме државните институции да прекинат со секое законско овластување кое води кон промена на карактерот на овој културен и верски објект“,
велат од ИВЗ.
Инаку, ИВЗ со години ја тужеше државата за да ја врати Јени џамија во свое владение, како место за молитва, но ги изгуби судските спорови.
Реставрацијата на Јени џамија траеше повеќе години и се одвиваше во неколку фази. Вчера е отворена како музеј, каде што е зачувана џамијата, а под застаклениот под се гледаат темелите на црквата.