ИАКО СО ПОСЛАБА ОЦЕНКА ОД ЛАНИ, МАКЕДОНИЈА СЕ КАЧИ ЗА ДВЕ МЕСТА ВО ИНДЕКСОТ ЗА СЛОБОДА НА МЕДИУМИТЕ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ ЗАШТО СЕ ПОЛОШИ РЕЗУЛТАТИТЕ НА ЗЕМЈИТЕ ВО РЕГИОНОТ

    ИАКО СО ПОСЛАБА ОЦЕНКА ОД ЛАНИ, МАКЕДОНИЈА СЕ КАЧИ ЗА ДВЕ МЕСТА ВО ИНДЕКСОТ ЗА СЛОБОДА НА МЕДИУМИТЕ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ ЗАШТО СЕ ПОЛОШИ РЕЗУЛТАТИТЕ НА ЗЕМЈИТЕ ВО РЕГИОНОТОсудувањето за клевета на медиумот ИРЛ во 2023 година за неговото истражување од општ интерес постави опасен преседан, вели РСФ; - Од ланскиот протест на новинарите во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Иако со послаба општа оценка од лани, Македонија се качи за две места, од 38 на 36, во Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници (РСФ), затоа што се полоши оценките на другите земји во регионот. Класификацијата на РСФ опфаќа 180 држави од цел свет.

    Во општата оценка за Македонија се вели: „Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“.

    Во однос на лани, Македнија има пад во 4 од 5 индикатори. Најголем пад од 5.35 поени има во политичкиот показател, од 1.82 поени во показателот правна рамка, од 3.05 поени во социјалниот индикатор, а пораст има само во показателот за безбедност од 8.16 поени.

    Во показателот правна рамка се заклучува: „Додека уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската унија, на која има намера да ѝ се придружи. Процедурите на SLAPP тужбите служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми. Осудувањето за клевета на медиумот ИРЛ во 2023 година за неговото истражување од општ интерес постави опасен преседан. Новиот закон со кој повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во медиумите во приватна сопственост, ја зголеми загриженоста за можното ширење на влијание поврзано со тоа“.

    Во показателот политички контекст се вели: „Целокупното опкружување останува поволно за слободата на медиумите, но владините агенции не се многу транспарентни и критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади. Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“.

    Во сите шест земји од Западен Балкан, слободата на медиумите е влошена и вкупната оценка бележи пад од 4,14 поени од лани.

    „Намалувањето е најзначајно во Косово (оценка -8,19 поени) паѓајќи за 19 места на Индексот. Падот во оценката е најмал во Македонија (оценка -0,57 поени), единствената земја од Западен Балкан што се качи (2 места) оваа година, а причината е поголемото влошување на оценките во другите земји. Србија и Албанија ги сменија категориите на картата, преминувајќи од „проблематичната“ (трета категорија од 5) во „тешката“ зона (четврта категорија) за слобода на медиумите. Двете се рангирани на последното место од сите земји-членки и кандидати за ЕУ. Дури и во двете земји со најдобри резултати во регионот, Македонија и Црна Гора, слободата на печатот беше поткопана во 2023 година со политички и судски притисоци врз медиумите“, изјави Павол Салај, шеф на канцеларијата на Репортери без граници за ЕУ/Балкан и додава:

    „Санкционирањето на злосторствата извршени врз новинарите и нивната заштита од страна на судскиот систем останува главен предизвик за сите земји. Веродостојното информирање во Западен Балкан е исто така загрозено од руската пропаганда, додека интеграцијата во Европската унија – која сега го има Европскиот закон за слобода на медиумите – останува можност за позитивен развој“,

    Од РСФ, организација со седиште во Париз, велат дека слободата на медиумите ширум светот е загрозена од самите оние кои треба да бидат нејзини гаранти – политичките власти. Ова е јасно од најновиот годишен Индекс за слободата на медиумите во светот, велат од Репортери без граници. Овој наод се заснова на фактот дека, од петте показатели што се користат за составување на рангирањето, најголем пад има кај политичкиот показател, со глобален просечен пад од 7,6 поени. Ситуацијата претрпе севкупен пад во Источна Европа и Централна Азија, каде слободата на медиумите не е загарантирана и медиумите сè повеќе се користат како преносни појаси за кампањи за дезинформација.

    „Сè поголем број влади и политички власти не ја исполнуваат својата улога како гаранти на најдобрата можна средина за новинарството и за правото на јавноста за веродостојни, независни и разновидни вести и информации. РСФ забележува загрижувачки пад во поддршката и почитувањето на медиумската автономија и зголемување на притисокот од државата или други политичките актери. Во Источна Европа и Централна Азија, медиумската цензура се засили со неверојатна мимикрија на руските репресивни методи, особено во Белорусија (пад од 10 места на 167 место), Грузија (103-то), Киргистан (120-то) и Азербејџан (пад од 13 места на 164-то). Влијанието на Кремљ стигна до Србија (пад од седум места на 98-мо), каде што провладините медиуми пренесуваат руска пропаганда и властите им се закануваат на руските новинари во егзил. Русија (162-ро), каде Владимир Путин неизненадувачки беше реизбран во 2024 година, продолжува да води војна во Украина (61-во) што имаше големо влијание врз медиумскиот екосистем и безбедноста на новинарите“, велат од РСФ.

    Дури и триото на врвот на Индексот за слобода на медиумите придонесе за падот на севкупниот политички индикатор. И покрај тоа што ја задржа својата позиција бр. 1, Норвешка е меѓу земјите што претрпе пад на својот политички резултат. Ирска (8-ма), каде што политичарите ги подложија медиумите на судско заплашување, ја отстапи својата позиција како лидер во Европската унија на Данска (втора), а потоа следи Шведска (трета). Трите азиски земји на дното на минатогодишниот индекс – Виетнам, Кина и Северна Кореја – ги отстапија своите позиции на три земји чии политички резултати имаат пад. Тоа се Авганистан (пад од 44 места во политичкото рангирање), кој има непрестајно прогонувани новинари откако Талибанците ја вратија контролата; Сирија (пад од осум политички места); и Еритреја (пад од девет политички места), која сега е последна во политичкото и во општото рангирање. Последните две земји се беззаконски зони за медиумите, со рекорден број новинари кои се приведени, исчезнати или држени како заложници.

    Во извештајот на РСФ се вели дека на Запад, во Европската унија, политичарите се обидуваат да го намалат просторот за независно новинарство. Во првите редови на овој опасен тренд се унгарскиот про-Кремљ премиер Виктор Орбан и неговиот колега во Словачка (29-то место) Роберт Фицо. Слободата на медиумите е ставена на тест од владејачките партии во Унгарија (67-мо место), Малта (73-то) и Грција (88-мо), трите од ЕУ најлошо рангирани земји. Италија на Џорџа Мелони (46-то) исто така падна пет места. Политичките интереси го задушуваат новинарството во неколку земји кандидати за ЕУ – Босна и Херцеговина (81-во), Србија и Албанија (99-то). Турција (158-мо) продолжува да ги затвора новинарите и да ги поткопува медиумите со помош на онлајн цензура и контролата врз судството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира